„Шанса за Центар“ за градбата кај „Холидеј ин“: Градоначалникот да донесе одлука за суспензија и ревизија на останатите две парцели

Градоначалникот да се зафати сериозно со обврската за суспензија, како законска можност за ревизија на останатите две парцели од Холидеј ин, кои секако ќе се изградат ако не се реагира…Нас, на граѓаните на општина Центар ни останува да иницираме референдумско изјаснување за враќање на парите од комуналиите на инвеститорот, запирање на градбата и носење нов план за вистински развој на оваа централна градска локација, порачаа од „Шанса за Центар“

Дозвола за градба на нелегален план не е легална дозвола, порачаа од „Шанса за Центар“ откако денеска официјално започна изградбата на првата висококатница кај „Холидеј ин“.

Оттаму прстот го вперија во Обвинителството, Владата и Општина Центар кои како што велат, не преземаат ништо за сопирање на потенцијално нелегалната градба пред „Холидеј ин“.

 

„Справувањето со урбаниот хаос не е само изборен слоган, ниту садење цвеќиња, туку е вистинска борба! Ги изневеривте граѓаните уште во првиот месец по изборите и очигледно немате намера за бескомпромисна заштита на нашиот простор за живеење – ниту пак, за пркос и санкционирање кон сите што ја загрозуваат и деградираат нашата општина. Го повикуваме OJO конечно да постапи по преставката од ДКСК во врска со нелегалното носење на ДУП-от. ОЈО седум месеци не постапува по предметот – исто како што премолчено го одобрува и дивото градење кај „Беко“ на очиглед на полициската станица Центар. Јавното обвинителство треба да се бори против криминалот , а не да е негов нем поддржувач“,

порачаа од „Шанса за Центар“ во соопштение до јавноста.

Градоначалникот на општина Центар мора да издаде привремена забрана за градење, се додека ОЈО не го расчисти случајот, додаваат од „Општина Центар“, потенцирајќи дека тој може да ги врати уплатените комуналии за овој објект на инвеститорот, а кои, како што велат, се уште стојат резервирани на сметка на Општината токму со намена да бидат вратени доколку тоа е потребно.

„Сето ова е можно, но вистинското прашање е дали се сака! Градоначалникот да се зафати серозионо со обврската за суспензија, како законска можност за ревизија на останатите две парцели од Холидеј ин, кои секако ќе се изградат ако не се реагира. Одговорноста за затнувањето на Градот ќе биде само негова! ШЦ во Советот на Општината ќе иницира запирање на реализацијата на незаконските урбанистички планови донесени во 2012, во време кога градоначалник беше Владимир Тодоровиќ, и кога не се почитуваа основните начела за јавен интерес и хумано планирање. Жално е што речиси десет години институциите дозволуваат Скопје да се менува до непрепознатливост, да се уништува јавното зеленило и да се продава државното земјиште за бетонски чудовишта кои изникнуваат од законските дупки, адимистративните лавиринти и немањето волја за одбрана на јавниот интерес од страна на системот! Централната и локалната власт се менуваат, но вистински промени во политиките за уредување на градот и заштита на јавиот интерес не постојат“,

велат од „Шанса за Центар“.

Во соопштението се додава и дека „Министерството за транспорт и врски, поддржано од Правобранителот, евтино го продаде државното земјиштето на паркингот кај Холидеј ин, не размислувајќи ниту за законитоста на плановите, ниту за последиците во просторот, а најмалку од се размислуваше за видливите социјални неправди кои ќе ги истакне со сјајот и бедата во ист простор“.

Жителите на Ново Маало, се вели во соопштението, сега ќе бидат принудени да ги напуштат своите домови и да ги продадат своите домови за било која понудена цена. Соседните жители на Градски ѕид кои реагираа за можните прелевања на проблемите од планот врз нивните животи, ќе останат изиграни и изманипулирани, потенцираат од „Општина Центар“.

Оттаму додаваат дека опција е и да се иницира референдум за враќање на комуналиите на инвеститорот, запирање на градбата и носење на нов план локацијата.

„Шанса за Центар изразува огромен револт и критика кон соучесништвото на Јавното обвинителство, Владата и градоначалникот на Општина Центар во уништувањето на достоинственото живеење на граѓаните на Oпштината. Сите заедно учествуваат во создавење на хаотичен, валкан и нехуман простор – општина и град без иднина каде здравјето на сите е парола зад која крие инвестиција за профитот на малкумина. Нас, на граѓаните на општина Центар ни останува да иницираме референдумско изјаснување за враќање на парите од комуналиите на инвеститорот, запирање на градбата и носење нов план за вистински развој на оваа централна градска локација“,

велат од „Шанса за Центар“.

За почетокот на градбата на првата од трите планирани висококатници на оваа локација, денеска информираа од „МГ фешн“ ДОО Скопје преку соопштение за јавноста. Во првата фаза започнува изградбата на станбено-деловниот објект кој содржи: три нивоа под земја, приземје плус дваесет ката и поткровје.

Изградбата на висококатниците е предвидена со Деталниот урбанистички план донесен од ВМРО-ДПМНЕ во 2012 година, а СДСМ, иако ветуваше, не ја спречи имплементацијата на спорните планови, а дополнително овозможи и дооформување на парцелата со продажба на државно земјиште.

Потот за изградба на висококатниците се отвори по падот на мораториумот во Општина Центар и подоцнежниот неуспешен обид за суспензија на планот.

Антикорупциската комисија пак, поднесе иницијативата до Обвинителството за утврдување кривична одговорност за лицата кои учествувале во донесувањето на Деталниот урбанистички план за „Холидеј ин“, но неодамна оттаму упатија критики до Обвинителство дека молчи за случајот повеќе од шест месеци.

 

Back to top button
Close