ШАНСА ЗА ВМРО – ЧАС ПОСКОРО


Колумна на проф. Ана Чупеска

Завршија празниците. Merry Christmas and Happy New Year. Од кога си честитавме, ајде да видиме што би требало да ни е меѓу првите приоритети во врска со ЕУ. Или, поконкретно, што точно е наведено во драфт заклучоците од Советот на ЕУ во точката 4 :…” ќе овозможи ( се мисли на РСМ) зајакнување на еднаквите права на припадниците на малцинствата и заедниците во Северна Македонија и како таков ќе придонесе кон усогласувањето со Копенхашките политички критериуми.

Во таа насока, Советот ја поздравува намерата на Северна Македонија, да започне и приоритетно да ги постигне релевантните уставни измени, со цел во Уставот да се вклучат граѓани
кои живеат во рамките на границите на државата и кои се дел од други народи, како што се Бугарите“…

Според ова, треба да си вистина забеган, да си отаде паметта, ваквото укажување да го толкуваш како “предавство”, или да го толкуваш како “измама”, уште повеќе – да тврдиш дека е уцена, или крајно контрадикторно – она што го прогласуваш за уцена и самиот го претвораш во trade off. Безвезе.

Во ова укажување, имено, фокус се копенхашките критериуми! На нив сме се обрзале мноооооооогу оддамна. Од нив зависи нивото на оценката на нашата демократијата, оти тие се во непосредна врска со нејзиното практикување; Значи – фундаментални за демократијата се правата на припадниците на заедниците. Или, тие се една неминовност за секој успешен демократски поредок.

Само во наци- републикански услови ова би можело да биде проблем. Само кај наци-шовинисти и бољшевици може да отсуствува сензибилет за припадниците на Другоста и за гаранциите на правото на културен идентитет…Tака што, дури ми се чини дека не ни вреди да се коментираат некои фигури, бидејќи јасно ни е на сите кој како ја разбира демократијата.
Поточно, некој не ја ни разбира воопшто, а уште помалку па има капацитет да ја практикува…

Како и да е, важно е да се забелжи дека она што евентуално би го повлекле уставните измени преку збогатувањето на листингот на признаени и други заедници покрај постоечките наведени во Преамбулата, е дека тоа може да има реален ефект и на други инстанци.

Пред се мислам на парламентарниот Комитет за односите меѓу заедниците, кој ми се чини дека консеквентно би требало да биде збогатен со уште толку претставници колку што ќе има излистано признаени заедници .

Овој Комитет мили мои, беше креиран со Рамковниот договор, по амандманирањето на Уставот од 1991 година. Но, тој ја влече својата мултикутурна хронологија од неговиот претходник – Советот за меѓунационални односи, иако, на еден сосема друг начин дава придонес во акомодирањето на разликите во земјава. Ваквата наша институција е светски уникатна , а оригиналноста се огледа во тоа што треба да е гарант за инклузија во рацете на сите заедници што живеат во РСМ.

Сега, Комитетот брои 19 члена од кои Македонците и Албанците учествуваат со по 7 члена, а со 1 член партицираат Турците, Власите, Ромите, Србите и Бошњаците. Токму на овој начин, помалите заедници во РСМ имаат мнозинство во ова собраниско тело, чија главната функција е да ги разгледува прашањата за односите меѓу заедниците и да дава предлози за нивно решавање, а Собранието е должно овие да ги разгледува и да донесува одлуки во врска со тоа. Комитетот, што е најважно, одлучува во случај на спор во врска со спроведување на постапката за гласање според Бадентер во Собранието.

Е сега, откога ова го имаме пред себе, не е тешко ниту да утврдиме дека уставните измени кои ни се посочени како приоритетни би можеле само да ја збогатат нашата мултикултурна демократијата, т.е. да дадат еден посилен вредносен рефлекс и кон самиот охридски рамковен договор. Например дека не е екслузивно наменет за најбројната од помалубројните заедници ! ( како што некои вжештени глави упорно тврдат). Впрочем, може да антиципираме дека сево ова е предизвик и за дострелот на самиот ОРД, па оттука и да му се подигне влогот во македонскиот мултикутурен конституционализам.

Затоа што учеството во било кој форум ( во случајов- парламентарниот Комитетот) само ќе не збогати со многу повеќе културни перспективи од веќе постоечките… Зарем тоа не е европска вредност? Да потсетам , 27 национални перспективи се усогласуваат секојденвно на ниво на ЕУ, а не изостануваат ниту субационалните.

Убедена сум, со други зборови, дека, уставните измени треба да се случат , што би рекол Мицковски – час поскоро; а не тие да бидат алиби за анти-европска платформа. Дури би рекла дека и за ВМРО ова е една фина шанса да го запере бесознанието, па да покаже и малку поголема широчина вон македоно-центричното патриотско верглање и анти-еу расположение…

Конечно, претстојните уставни измени, не смеат да бидат предмет на етно-корпоративистичките амбиции и пазарења. Едноставно за ова мора да има целосна и консенсуална поддршка – надпартиска и надетничка. Тоа е тоа. Нема друго.

Back to top button
Close