Шасивари: Во октомври средба со студентите за правосудниот испит на албански
Правосудниот испит не е само прашање на полагање, туку прашање на иднината на младите правници, еднаквите можности и квалитетот на правниот систем, порача денеска од собраниската говорница министерот за правда Јетон Шасивари.

Одговарајќи на пратеничката Дијана Тоска од „Европски фронт“ за тоа кога студентите ќе можат да го полагаат правосудниот испит на албански јазик, Шасивари рече дека ова прашање не треба да се третира како етничко или политичко, туку како правно и институционално прашање.
„Ова прашање не го гледам како етничко или политичко прашање. Го гледам како правно и институционално прашање – како врз основа на Уставот и законите да имаме еднаков пристап, да се почитуваат јазичните права и истовремено критериумите да бидат исти за сите кандидати“, истакна Шасивари.
Според него, јазикот на кој се полага може да биде различен, но условите и критериумите мора да бидат еднакви за сите кандидати.
„Јазикот може да биде различен, критериумот треба да биде ист. Сметам дека ова треба да биде прашање на институционална и политичка зрелост“, рече министерот.
Шасивари информираше дека до Министерството за правда веќе пристигнале барања од пет студентски организации за можност за полагање на правосудниот испит на други јазици.
Меѓу нив се барањата од студентските асоцијации на Универзитетот „Мајка Тереза“ и Универзитетот во Тетово за полагање на албански јазик, како и барања поврзани со англиски и турски јазик од други високообразовни институции.
„За мене ова не е само статистика. Ова е порака од младите кои се подготвуваат да бидат дел од правниот систем и оваа порака сакам да ја слушнеме“, порача Шасивари.
Тој додаде дека секоја иницијатива која доаѓа од студентите и академската заедница треба сериозно да се разгледа и анализира.
„Мојот став е јасен – секоја иницијатива која доаѓа од студентите и од Академијата треба да се разгледува и сериозно да се анализира“, рече министерот.
Шасивари најави дека со почетокот на новата академска година, во октомври, ќе ги повика претставниците на студентските организации на координативен состанок. Целта, како што посочи, ќе биде да се разговара за нивните барања и да се изнајде институционално решение за полагањето на правосудниот испит на јазиците предвидени со закон.






