Шефицата на УНМИК на СБ на ОН изрази загриженост за затворањето на српските институции и ги осуди нападите во Косово

Шефицата на Мисијата на ОН на Косово (УНМИК), Каролин Зиjаде на синоќешната седница на Советот за безбедност на Обединетите нации, изрази загриженост за затворањето на институциите под управа на Србија на Косово и ги осуди нападите врз каналот Ибар-Лепенац и на поштата во Звечан.

На почетокот на седницата на Советот за безбедност на ОН, на која се расправаше за новиот извештај на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш за работата на УНМИК, Зијаде рече дека е загрижена за последиците што затворањето на институциите под управа на Србија ги има врз економските и социјалните права на граѓаните на Косово, особено врз ранливите категории на населението.

 

Презентирајќи го извештајот на Гутереш за периодот од 16 септември 2024 година до 15 март 2025 година, Зијаде рече дека УНМИК „ќе продолжи внимателно да ги следи случувањата во таа област“.

 

– Ги повикав сите актери да се воздржат од еднострани дејствија и отворените прашања да ги решаваат конструктивно, рече Зијаде.

 

Таа го осуди нападот на каналот Ибар-Лепенац на 29 ноември и повика на сеопфатна и транспарентна истрага и сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата.

 

– Ги повикувам сите лидери да се однесуваат одговорно, да избегнуваат ескалација на конфликтот и да соработуваат за сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата, рече Зијаде.

 

Зијаде, исто така, посочи дека е важно да се обезбеди одговорност за конфликтот меѓу вооружената група Срби и косовската полиција во селото Бањска на 24 септември 2023 година, преку фер и чесни судски постапки.

 

Таа изрази загриженост и за вметнувањето на експлозивна направа во новоотворената пошта во Звечан на 1 април.

– Ваквите акти на насилство не се прифатливи и треба итно и целосно да се истражат, со гонење на одговорните, додаде Зијаде.

Таа рече дека соговорниците со кои разговарала во Косово на 25 март и укажале на постојан дефицит на доверба, особено меѓу институциите, и дека се жалат на едностраните постапки на властите во Приштина, вклучително и неодамнешното затворање на центрите за социјална заштита под администрација на Србија, како и негативното социоекономско влијание на тој потег врз населението.

– Сепак, тие не кажаа дека гледаат каква било алтернатива на дијалогот под покровителство на ЕУ и посочија дека треба да се спроведе систем на самоуправа во рамките на Заедницата на српски општини. Тие, исто така, изразија загриженост во врска со претходните наводи за сексуално вознемирување на жени од српска националност, и сите овие наводи треба итно да се истражат, рече Зијаде.

Зијаде изјави дека градењето доверба „останува од клучно значење“ за да се обезбеди просперитетна иднина за сите заедници во Косово, и покрај тековните предизвици кои го одразуваат недостигот на доверба во институциите.

– УНМИК останува посветен на помагањето да се надминат поделбите. Иницијативите што го поддржуваат владеењето на правото, кои ги штитат човековите права и активно го промовираат вклучувањето на жените и младите во мировните процеси остануваат во сржта на нашата работа, додаде таа.

Таа, исто така, побара косовскиот полициски инспекторат да ги објави резултатите од истрагите за прекумерна употреба на сила во северно Косово, вклучително и против малолетници.

Таа изјави дека е „длабоко загрижена“ поради уништувањето на верските симболи и предмети и ги повика сите да ги почитуваат верските права и да промовираат толеранција.

Зијаде рече дека со нетрпение очекува да работи со новиот специјален претставник на ЕУ за дијалогот, Петер Соренсен, наведувајќи дека неговиот претходен ангажман „нуди можност да се поддржат двете страни за да постигнат напредок“, како што беше постигнато во декември кога беше договорено формирањето на Комисијата за исчезнати лица.

Back to top button
Close