Шефот на бугарското контраразузнавање соопшти дека е сменет заради откриените руски шпиони

Првиот човек на бугарската Државна агенција за национална безбедност, Димитар Георгиев, кој денеска беше предложен за разрешување од привремената влада, попладнево соопшти дека причина за неговото заминување од функцијата е откриената руска шпионска мрежа на крајот на март.

Георгиев изјави дека на вицепремиерот и министер за внатрешни работи, Бојко Рашков, пред две години му бил забранет пристапот до класифицирани информации, а неговата одлука не е обжалена.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Георгиев кажа дека „дозволиле некои грешки во работењето“, од кои едната е дека во последните години од поновата историја на Бугарија извршиле операции што откриле шпионски мрежи на странски разузнавачки информации и особено последнава, поврзана со фаќањето шпиони кои работеле за Русија.

Георгиев ги негираше обвинувањата дека Државната агенција за национална безбедност ги прислушкувала опозициските политичари во Бугарија. Тој додаде дека бил извршен таков увид и дека утринава сакал за тоа да го информира премиерот, но тоа не се случило. Георгиев, меѓутоа, додаде дека неговиот извештај за тоа дали имало прислушување е во канцеларијата на привремениот премиер на Бугарија, Стефан Јанев.

Back to top button
Close