Шефот на индиската дипломатија Џајшанкар: Светот треба да покаже нулта толеранција кон тероризмот
Шефот на индиската диопломатија, Субраманџам Џајшанкар, денеска изјави дека светот „мора да покаже нулта толеранција кон тероризмот“.
Оваа своја порака тој ја објави на мрежата X, заедно со фотографија на која напиша „Операција Синдор“ , што е името на операцијата што Индија ја користи за воздушните напади врз Пакистан.
Во меѓувреме, индискиот министер за внатрешни работи Амит Шах во објава на Х им честиташе на индиските вооружени сили, наведувајќи дека е горд на нив.
„Операцијата Синдор“ е одговор на „бруталното убиство на нашите невини браќа во Пахалгам“, напиша тој.
„Владата на Моди е решена да даде соодветен одговор на секој напад врз Индија и нејзиниот народ. Бхарат (хиндиското име за Индија) останува силно посветена на искоренувањето на тероризмот“, додаде тој, пренесе Би-Би-Си.
Британските медиуми јавуваат дека пакистанската армија утринава објави дека во неколкуте индиските напади врз територијата на нивната земја синоќа се убиени 26 лица, а 46 се повредени.
Пакистанската армија претходно во текот на ноќта објави дека три локации биле нападнати и осум лица биле убиени.
Индија синоќа соопшти дека извршила ракетни напади врз девет локации во Пакистан и делови од Кашмир контролиран од Пакистан.
Индиските власти, исто така, соопштија дека тројца цивили биле убиени во пакистанско гранатирање на индиската страна од де факто границата.
Тензиите меѓу двете нуклеарно вооружени земји се зголемија по смртоносниот милитантен напад врз индиските туристи во Пахалгам во април, при што Индија тврди дека има докази што укажуваат на јасна вмешаност на терористи со седиште во Пакистан во нападот, додека Пакистан негира каква било врска.
Кашмир, кој е под контрола на Индија, е сцена на децениски бунт во кој загинаа илјадници животи.
И Индија и Пакистан полагаат целосно право на Кашмир.