Шефот на паравоената „Вагнер“ најави кандидатура за претседател на Украина

Шефот на паравоената група Вагнер, Евгениј Пригожин денеска изјави дека има намера да се кандидира за претседател на Украина во 2024 година.

-Гледајќи сè околу мене, имам политички амбиции. Одлучив да се кандидирам за претседател во 2024 година. За претседател на Украина – рече Пригожин во видео на Телеграм.

Тој додаде дека очекува да се натпреварува за оваа позиција со поранешниот претседател Петро Порошенко и актуелниот претседател Володимир Зеленски.

-Ако победам на претседателските избори во Украина, момци, тогаш сè ќе биде добро, нема да бидат потребни гранати – истакна Пригожин.

Шефот на „Вагнер“ одговори и на прашањето зошто се жали на слабото снабдување со муниција, а не го купува сам. Пригожин истакна дека ако купи сè со свои пари, тоа би било „државо управување, а не бизнис“.

Според него, на „Вагнер“ му требаат секој месец околу 10.000 тони муниција во вредност од околу една милијарда долари.

Зборувајќи за човечките загуби, Пригожин нагласи дека „борците во војна умираат во секој случај, војната е измислена за една војска да убива друга“.

Тој ги негираше обвинувањата дека бил во дослух со украинските власти и дека „поради пари и укинувањето на санкциите“ ќе ја напушти борбената зона „во вистински момент“.

„Не одам никаде. Прашањето е: кој ги зеде парите кога „направивме гест на добра волја“ и ги предадовме Херсон, регионот Харкив и многу други (територии)? нагласи Пригожин, алудирајќи на руските воени команданти.

Во меѓувреме, руските сили ги притискаат украинските трупи од три страни во Бахмут, град во источниот регион Доњецк, за кој се води најдолгата и најкрвава битка од почетокот на руската инвазија.

Украинските власти инсистираат на продолжувањето на одбраната на веќе уништениот град, и покрај загубите од околу 100-200 војници дневно. Повлекувањето од градот по толку многу загинати војници би била тешка реалност за прифаќање.

Русија го напаѓа Бахмут уште од јули, што се засили есеноска, откако Путин нареди мобилизација на стотици илјади резервисти, а во битката се вклучија и платениците на „Вагнер“, главно регрутирани од затворите.

Московски аналитичар со врски во руското министерство за одбрана процени дека досега загинале меѓу 6.000 и 8.000 руски војници во Бахмут, главно неодамна регрутирани затвореници.

-Проблемот е што Русите имаат премногу луѓе. Испраќаш дрон, гледаш петмина руски војници на едно место и ги гаѓаш. Потоа се појавуваат уште 20 – вели украински воен заповедник, кој додава дека повлекувањето од Бахмут би било неморално, имајќи предвид колку негови луѓе загинале досега.

 

Back to top button
Close