Шефот на руската разузнавачка служба: „Светот е во најнестабилниот безбедносен момент од Втората светска војна“

Светот се наоѓа во најнестабилниот безбедносен период по Втората светска војна и неопходна е подготвеност за компромис за да се избегне нов глобален судир, изјави директорот на руската надворешна разузнавачка служба (СВР), Сергеј Наришкин, пренесе агенцијата РИА Новости.

„Светот денес го доживува најкревкиот момент за меѓународната безбедност по Втората светска војна — период на квалитативна трансформација на глобалниот поредок“, изјави Наришкин.

Тој посочи дека се води „жестока борба“ меѓу големите глобални и регионални центри на моќ околу тоа кој ќе ги дефинира правилата на идниот светски поредок.

„Нашата заедничка, а можеби и најважна задача, е да се осигураме дека прилагодувањето на новата реалност ќе помине без голема војна, какви што се случувале во минатите историски епохи“, нагласи Наришкин.

Раководителот на СВР ја повтори и позицијата на Кремљ дека администрацијата на украинскиот претседател Володимир Зеленски го блокира мировниот процес во Украина.

Русија ја започна војната во Украина со целосна инвазија во февруари 2022 година, што предизвика најголема геополитичка и безбедносна криза во Европа по завршувањето на Студената војна.

Back to top button
Close