Шекеринска: Како што Груевски не собра ниту еднаш храброст да дебатира, така и неговите наследници бегаат од соочувања

\ Не умирам од желба да дебатирам со човекот кој влезе во Собрание да ме убие, но тука доаѓаме за граѓаните, а противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ Дурловски, кој не се појави, тоа не го направи првпат, рече вечерва носителката на листата на коалицијата „Можеме“ во петата изборна единица, заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска.

Во емисијата „Само вистина“ на Канал 5, Шекеринска оцени дека Дурловски бега од секаде каде што може да добие прашања.

-Нивниот слоган „Исправи се Македонијо“ значи гордост, чест, храброст, но тие доблести не ги дава кај своите носители, тој дел покажува дека ВМРО-ДПМНЕ ниту педа не се променил од тоа што го гледавме до 2016-та, нагласи Шекеринска, додавајќи дека како што Груевски не собра ниту еднаш храброст и доблест да дебатира, така и неговите наследници секој пат кога немаат што да понудат бегаат од соочувања. Ние доаѓаме тука зашто треба да имаме однос кон граѓаните чија доверба ја бараме. Ако некој човек ја бара довербаta да ги претставува нивните интереси во Собранието, тогаш тој кандидат или кандидатка треба да може да се спротивстави во собранието за да бара повеќе пари за својата изборна единица, за решавање на битни прашања, ако не може да се соочите со аргументи и контрааргументи пред изборите како ќе се бори за правата на граѓаните по изборите, нагласи Шекеринска.

Ова, додаде, „покажува дека ВМРО-ДПМНЕ го крие својот кандидат кому, очигледно, единствен начин да дебатира му е да испрати луѓе за тепање“.

Според Шекеринска, по овие избори на кои граѓаните ќе се определат за продолжување на позитивните политики, премиер ќе биде Зоран Заев кој има подеднакво силна поддршка и кај Македонците и кај Албанците и кај Турците, Ромите, Власите, Бошњаците и кај Србите.

-На сите им стана јасно дека единствените партии и луѓе кои ловат гласови на националистичка карта се само оние што немаат што да понудат и тоа не се однесува само на Албанци, туку и на македонски кандидати.  Оние што нудат рециклирани национализми всушност соопштуваат дека нема што друго да им понудат на граѓаните. Нашиот концепт победи и јас знам дека тоа нервира многу албански или македонски политички фактори во државава кои играа секогаш на картата на национализам само кога ќе дојдат избори, нашата програма го реафирмира концептот едно општество за сите, нагласи Шекеринска. \

Back to top button
Close