Шекеринска: НАТО не учествува во иницијативата за можен воен сојуз меѓу Тирана, Приштина и Загреб

Заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, изјави дека Хрватска и Албанија се сигурни и посветени сојузници на Алијансата, кои активно придонесуваат за зачувување на регионалната стабилност, додавајќи дека НАТО не е вклучен во разговорите за евентуален воен сојуз меѓу Тирана, Приштина и Загреб.

Во интервју за агенцијата „Бета“, Шекеринска нагласи дека членството во НАТО не претставува пречка земјите сојузнички да склучуваат дополнителни одбранбени договори со трети страни.

„Она што генерално го гледаме е дека глобалната геополитичка состојба има влијание и врз регионот. Забележливо е зголемување на бројот на воени вежби и инвестиции во одбраната и безбедноста. Но, секогаш ги охрабруваме сојузниците и партнерите да се вклучат во политички дијалог и во решавање на отворените прашања во регионот. Нашето присуство на Западен Балкан има цел да го поддржи токму тој процес“, изјави таа.

Според Шекеринска, Албанија и Хрватска не се само сигурни членки на Алијансата, туку и значајни чинители во одржувањето на мирот. Таа посочи дека двете држави учествуваат во мисијата КФОР, но и дека генерално се насочени кон поддршка на стабилизациската агенда во регионот.

Изјавите доаѓаат во контекст на реакциите од Србија, откако претседателот Александар Вучиќ во неколку наврати оцени дека евентуалното здружување на силите меѓу Албанија, Хрватска и Приштина претставува директна закана за неговата земја. Тој јавно праша зошто двете држави, како членки на НАТО, имаат потреба од дополнителен воен договор, нагласувајќи дека вклучувањето на Приштина се толкува како порака кон Србија. Вучиќ изјави и дека Србија е подготвена да се спротивстави на секој потенцијален агресор.

Извор: fokus.mk

Back to top button
Close