Шекеринска: НАТО внимателно го следи руското хибридно мешање во БиХ и на Балканот

НАТО внимателно ги следи обидите на Русија да влијае на внатрешните процеси во Босна и Херцеговина (БиХ) и на регионот на Западен Балкан, изјави за ФЕНА заменик-генералниот секретар на Алијансата, Радмила Шекеринска. Таа нагласи дека ваквите активности претставуваат типичен „руски модел на дејствување“ кој е дел од нивниот хибриден арсенал.
– Многу внимателно ги следиме обидите на злонамерното влијание на Русија да се меша во домашните и регионалните процеси. Видовме како руските хибридни активности се обидуваат да создадат поделби, да искористат дел од сецесионистичката реторика и да создадат дополнителни расцепи во нашите општества и регион. Ние го следиме тоа, предупреди Шекеринска.
Таа појасни дека ова е типично за рускиот модел на дејствување кој е забележлив и кај сојузниците на НАТО, а не е ограничен само на Западен Балкан или партнерите.
Шекеринска истакна дека НАТО останува посветен на Западен Балкан, бидејќи тоа е регион од стратешка важност за Алијансата, додавајќи дека Алијансата има бројни сојузници од регионот, како и партнери како БиХ.
Зборувајќи за одбранбениот сектор на БиХ и модернизацијата на Оружените сили на БиХ (ОСБиХ), заменик-генералниот секретар на НАТО рече дека Алијансата настојува да обезбеди поддршка во многу практични области. Сепак, како што нагласи, клучно е ОСБиХ да добијат одржливи и посилни финансиски средства.
– Не можете да очекувате да имате добри вооружени сили, соодветно обучени, опремени и подготвени да ве поддржат, понекогаш во најтешки околности, ако не инвестирате во нив, нагласи Шекеринска, споделувајќи го своето искуство како поранешна министерка за одбрана.
Таа потсети на програмата DCB (Пакет за зајакнување на одбраната), преку која НАТО обезбеди воена опрема и специјализирани возила за ОСБиХ, што беше резултат на поддршката од Словенија.
– Меѓутоа, тоа мора да биде проследено со зголемено и одржливо финансирање на вашите Вооружени сили“, додаде таа.
На прашањето за клучна порака до политичките лидери во БиХ во однос на стабилноста и реформите, Шекеринска истакна дека политичките компромиси се секогаш болни и ризични за политичките кариери, но од нејзиното искуство, тие секогаш се исплатуваат.
– Политичките компромиси носат поголема сигурност, поголема предвидливост и создаваат простор за нашите граѓани да кажат дека следната година нема да се грижат за истиот проблем, истакна Шекеринска.
На крајот, таа порача дека граѓаните од политичарите очекуваат да направат исчекори, а не да ги повторуваат истите приказни и проблеми како во последните три децении, додавајќи дека тоа е повеќе совет отколку порака.






