Шекеринска: Не смееме да бидеме наивни, не смееме да се опуштиме, знаеме какви апетити има Русија

Поголемите инвестиции во одбраната се најдобриот начин за одвраќање на можна агресија, изјави заменик-генералниот секретар на НАТО, Радмила Шекеринска, во саботата во Дубровник. Поранешната македонска министерка, а сегашен втор човек во најголемиот воен сојуз, учествуваше на панелот „Зајакнување на европските одбранбени капацитети: Предизвици и можности“ како дел од Форумот во Дубровник.

„Целта на НАТО е да биде посилна, пофер и посмртоносна, не затоа што сакаме да бидеме агресивна Алијанса, туку затоа што сакаме да одвраќаме каква било потенцијална закана“, вели Шекеринска.

Таа додала дека земјите-членки на НАТО се согласуваат дека Русија е „јасна и непосредна опасност“ и „главна закана за евроатлантската безбедност“, истакнувајќи дека заканата од тероризам не треба да се игнорира.

„Инвазијата на Украина во февруари 2022 година, па дури и порано, во 2014 година, е јасен показател за какви апетити и планови има Русија. Не смееме да бидеме наивни, не смееме да се опуштиме“, нагласила Шекеринска.

На самитот во Хаг на крајот на јуни, земјите-членки на НАТО се согласија да ги зголемат трошоците за одбрана на пет проценти од БДП до 2035 година.

Шекеринска истакнала дека тоа е „многу важна и невидена историска одлука“ и дека треба да се спроведе сега, водејќи посебна грижа за развојот на одбранбената индустрија и не заборавајќи ја Украина.

„Ако сакаме да покажеме единство и солидарност, сите мора да ги исполниме нашите обврски и да ги зголемиме трошоците за одбрана“, прецизирала поранешната министерка за одбрана.

Во исто време, таа ја нагласила важноста на фер распределба на товарот, на кој се инсистираше, како што потсети, од самиот почеток на Алијансата, од претседателите Двајт Ајзенхауер и Џон Кенеди.

На прашањето колку земјите-членки на НАТО можат да бидат флексибилни во постигнувањето на таа цел, Шекеринска одговорила дека целите што треба да се исполнат веќе се детално договорени и дека напредокот ќе биде внимателно следен како и досега. Додала дека соработката меѓу ЕУ и НАТО во областа на одбраната е корисна за двете страни.

„НАТО ќе остане камен-темелник на нашата колективна одбрана“, кажала Шекеринска и потсетила дека ЕУ усвои план за зголемување на инвестициите во одбраната, кој треба да мобилизира 800 милијарди евра до 2030 година.

Таа, исто така, ја нагласила важноста на соработката во заштитата на критичната подморска инфраструктура, во областа на сајбер-безбедноста и развојот на одбранбената индустрија.

Извор: fokus.mk

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close