Шекеринска од самитот во Анкара: Европа го презема товарот за одбраната, испратена силна порака до Москва

Европските сојузници и Канада испорачуваат историски резултати во инвестирањето во сопствената безбедност, со што се балансираат трансатлантските односи и се зајакнува НАТО Алијансата. Ова го истакна Радмила Шекеринска во ексклузивно интервју за 4tv.mk реализирано на Самитот на НАТО во Анкара, Турција.
Осврнувајќи се на барањата за зголемување на буџетите за одбрана, Шекеринска потенцираше дека по децениско заостанување, европските земји конечно ја намалуваат разликата, објави 4news.mk
„Во само една година инвестирани се повеќе од 139 милијарди американски долари, што претставува 20-процентно еднократно зголемување во однос на претходната година. Буквално се гледа дека европските сојузници и Канада не ветувале нешто што не можат да испорачаат“, изјави Шекеринска, додавајќи дека не е оправдано богатите европски држави да очекуваат некој друг да ја финансира и гарантира нивната безбедност.
Според неа, ваквата подготвеност на Европа да преземе поголем дел од товарот на конвенционалната одбрана, во соработка со САД, ќе резултира со поодржливи и поквалитетни трансатлантски односи.






