Шекеринска: Поддршка од институциите за функционален систем на вакцинација против КОВИД
Комисијата за имунизација го прави целосниот план за вакцинација на населението и немаме дилеми дека тој систем ќе бара поголема државна организација. Не може да зависи исклучиво од здравствените институции. Стоиме на располагање. Дури се прават и одредени вежби на тоа како би функционирал системот, рече Шекеринска, одговорајќи на новинарско прашање по отворањето на заедничкото стрелиште на Армијата и МВР во касарната „Илинден“.
Таа најави дека ќе ги искористат сите можности што ги дава прогласената кризна состојба за, како што рече, здравствените власти да можат брзо, ефикасно и што е можно побргу да обезбедат вакцинација прво на најзагрозените.
– Според нивните информации, први ќе бидат здравствените работници кои директно се во контакт со заболени лица од КОВИД-19, а веднаш потоа и други групи, како хронично болни, позагрозени здравствено и институциите кои многу повеќе се вклучени во целиот овој систем, изјави Шекеринска.
Министерката посочи дека и од Армијата, еден голем дел од здравствениот персонал, не функционира веќе како дел од Воено-медицинскиот центар туку се дел од здравствените институции.
– И на ист начин ќе пристапиме и кон оваа многу важна операција на имунизација, додаде Шекеринска.