Шекеринска: Помагањето на Украина е инвестиција во нашата безбедност
Помагањето на Украина е инвестиција во нашата безбедност, вели заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, во интервју за Хрватската радио-телевизија (ХРТ).

Во интервјуто за ХРТ, направено на маргините на Форумот во Дубровник, Шекеринска вели дека сојузниците се согласни во поддршката за Украина.
„Разговараме за тоа како да ја поддржиме Украина уште од почетокот на бруталната руска војна. Мислам дека голем број сојузници навистина ја покажаа својата поддршка. На овој самит рековме дека безбедноста на Украина е поврзана со нашата безбедност. Некои рекоа дека тоа е првата линија на одвраќање и одбрана. Ако ја поддржиме Украина, инвестираме во нашата безбедност“,вели Шекеринска во интервјуто за ХРТ.
Заменик-генералната секретарка на НАТО додава дека минатата година сојузниците на Алијансата ја надминале вкупната ветена помош за Украина која изнесува повеќе од 50 милијарди евра.
Осврнувајќи се на вооружувањето на Украина, односно на испораката на оружје од страна на САД, која беше суспендирана, па повторно воспоставена, Шекеринска вели дека американската воена помош е важна.
„Ја поздравивме американската иницијатива за медијација и прекинување на застојот во испораката. Ако ѝ помогнеме на Украина воено, ако Украина може да ги заштити цивилите и клучната инфраструктура, ако ѝ помогнеме на нејзината одбранбена индустрија, која исто така ѝ помага на нашата одбранбена индустрија, ако се држиме до санкциите договорени од ЕУ и НАТО, веруваме дека на овој начин ќе постигнеме мир“,додава заменик-генералната секретарка на НАТО.
Во оваа смисла таа додава дека голем број сојузници ја зголемуваат својата поддршка.
„Затоа ќе ја сметаме воената помош за Украина кон петте проценти од БДП за одбраната на кои се обврзаа сите сојузници. Ова се сите практични чекори што ги преземаме за да ја поддржиме Украина во нејзината праведна борба, особено сега кога се соочува со напади, претежно врз цивилни цели, речиси секој ден“,вели Шекеринска во интервјуто за ХРТ.