Шекеринска: Северна Македонија како членка на НАТО ќе ја помага интеграцијата на земјите аспиранти од ЈИЕ
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска преку видео – конференциска врска учествуваше на состанокот на САД – Јадранската повелба, на кој се разговараше за темите од највисок интерес – справувањето со пандемијата на коронавирусот, предизвиците и можностите по пандемијата, добрососедството и регионалната соработка, справувањето со дезинформациите кои се и безбедносен ризик, како и кризниот менаџмент и важноста на евроатлантската интеграција.
Земјите – членки на САД – Јадранската повелба, соопшти Министерството за одбрана, го поздравија исполнувањето на стратешката цел на Македонија – членството во НАТО. Министерката Шекеринска потенцираше дека Македонија силно ја поддржува политиката на отворени врати на НАТО за земјите аспиранти од Југоисточна Европа, чија интеграција е од големо значење за стабилноста на Европа и за целокупната евроатлантска безбедност.
Во заедничката изјава од министерскиот состанок, беше истакната цврстата заложба на земјите членки на Јадранската повелба да се развива регионалната одбранбена соработка, и да се поттикнат одбранбените и бeзбедносни реформи. Беше поздравена армиската поддршка на цивилните власти во справувањето со Ковид-19, и беше потенцирана важноста од регионална координација во справувањето со кризи. Во таа смисла, министерката Шекеринска ги покани земјите – членки на А5 да учествуваат на меѓународната вежба на Евро-атлантскиот центар за одговор на кризи, со над 2000 учесници, која наесен идната година ќе се одржи во Македонија.
Македонија, Албанија, Хрватска, Црна Гора, заедно со САД, како земји – членки на НАТО, ќе го предводат процесот за промоција на политиката на отворени врати на НАТО и за поддршка на земјите аспиранти од југоисточна Европа до полноправно членство во НАТО – беше заклучено на состанокот.
Зборувајќи за предизвикот со кој во моментов се бори целиот свет – пандемијата со Ковид-19, министерката Шекеринска информираше дека во Македонија е прогласена кризна состојба, а Армијата е ангажирана во поддршка на здравството, полицијата и цивилните инстутуции. Регионалната соработка и размена на искуства во справувањето со пандемијата ќе ја подобри националната и колективна подготвеност за успешно справување со предизвикот.
– Пандемијата покажа дека воените капацитети се многу важни во поддршка на цивилните институции во време на криза. Мораме да вложуваме во одбранбените капацитети и во цивилно – воената соработка. Во оваа област од големо значење е и регионалната соработка и размена на искуства, рече Шекеринска на состанокот.
Министерката порача дека еден од приоритетите на Владата е транспарентноста, отвореноста и напорите за справување со дезинформациите кои штетат на ефективноста на мерките против ширењето на пандемијата.
– Ние мораме да ги развиеме нашите капацитети за стратегиски комуникации, да направиме систем за справување со дезинформациите и за тоа да имаме и регионален пристап. Македонија напорно работи на развојот на капацитетите за справување со лажни вести, а еден клучен сегмент во тој домен е и Регионалниот центар за односи со јавноста чии програми и курсеви се достапни и за земјите од Јадранската повелба, информираше Шекеринска.
Министерката се осврна и на потребата од градење на капацитети за кризен менаџмент, потенцирајќи ја важноста за меѓувладина и меѓудржавна координација и соработка во оваа област, како и соработката со НАТО координативниот центар за одговор на кризи преку кој Македонија како членка на Алијансата, неодамна доби медицинска опрема – 60 транспортни респиратори, во вредност од 1,4 милиони евра.
На состанокот покрај министерката Шекеринска учествуваа и министрите за одбрана на Босна и Херцеговина, Сифет Поджиќ, на Црна Гора, Предраг Бошковиќ, заменик – министерот за одбрана на Албанија Петро Кочи, хрватскиот државен секретар Здравко Јакоп и потсекретарот за одбранбена политика во Департманот за одбрана на САД, Ентони Тата. Како претставници од земјите – набљудувачи на состанокот присуствуваа и косовскиот министер за одбрана Антон Ќуни и државниот секретар во Министерството за одбрана на Словенија, Урош Ламперт, стои во соопштението.