Шекеринска: Со зачленувањето во НАТО успеавме да ја реализираме 30 годишната цел
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска при искачување на еден од врвовите на Бистра денеска нагласи дека мотото на планинарската тура „Ние сме НАТО“ е доказ дека ништо не е неосвоиво, ништо не е толку високо, ако тргнеш подготвен и решителен да стигнеш на целта.
Министерството за одбрана, по повод Денот на независноста на Репубика Северна Македонија 8 септември, организираше планинарска тура во која беа министерката за одбрана Радмила Шекеринска со претставници на дипломатскиот кор во земјава, Командата на SEEBRIG и одбранбените аташеа акредитирани во Република Северна Македонија. Оваа година цел беше врвот Чафкарник на планината Бистра.
Шекеринска напомена дека оваа година првпат Денот на независноста го прославуваме како земја членка на НАТО.
– Секоја година МО организира освојување на некои од нашите врвови. Минатата година на Галичица, пред минатата на Крушево. Оваа година сме во Маврово. Нашите стратешки цели се секако искачување на еден од планинските врвови. Ни треба план, ни треба организација ни треба сила, ни треба издржливост. Минатата година го правевме тоа во очи на нашата амбиција да станеме членка на НАТО и мислевме качувањето на Галичица е тешко, но сите успеавме да го искачиме. Оваа година го правиме за првпат како членка на НАТО, не беше лесно и беше уште потешко затоа што амбициите ни станаа уште поголеми. Така и со нашето членство во НАТО. Успеавме да ја реализираме ова 30 годишна цел, но меѓутоа тука не запираме, рече Шекеринска по завршената тура.
Таа се осврна и на придобивките од зачленувањето во Алијансата, бидејќи, како што нагласи, и во мака и во зло ќе можеме да се потпираме на силите на НАТО.
– Членство во НАТО ни е инструмент да добиеме посигурна држава и да добиеме шанси за економски напредок. За да имате економија мора да имате и безбедност. Во делот на одбраната навистина имаме амбициозни цели што се однесуваат на подобро организирана, помотивирана армија, поподготвена и дефинитивно армија која што не само што го има членството во НАТО туку и секојдневно го заслужува, подвлече министерката Шекеринска.
Таа во одговорот на новинарско прашање за мандатните писма кои им ги врачи премиерот Заев рече дека министрите ќе имаат повеќе прес-конференции на кои ќе ги образложат обврските.
– Мандатните писма не беа лесни, ние како министри ќе имаме повеќе прес конференции да ги дадеме и да ги образложиме обврските. Тие се обврски кои стојат и во нашите предизборни програми, но и програмите со кои настапивме како Влада. Тие велат ајде да се сконцентрираме на ова што не чека дома. Затоа главниот акцент беше економија и правда, рече Шекеринска.
Денешното планинарењето се одвиваше во соработка со Асоцијацијата на интернационални водичи во планина и Здружението за заштита и спасување на планина и непристапни терени „Асклепиј“, кои се погрижија турата да помине во најдобар ред. Преку планинарењето како начин на одбележување на Денот на независноста веќе станува традиција, а МО ја апострофира посветеноста кон претставување на природните убавини на Републиката. з. г. м