Шекеринска во Рим: По членството во НАТО, Италија ќе продолжи активно да лобира за отворање на пристапните преговори со ЕУ во најкус можен рок
Избледувањето на европската перспектива за земјите од регионот ги охрабрува идеите за прекројување на границите и го вклучува алармот, оценила Шекеринска на средбите во италијанската престолнина
Италија и Северна Македонија имаат одлична билатерална соработка базирана на заедничката цел: стабилен и просперитетен Балкан за силна Европа. Придонесот на македонската Армија во КФОР во Косово, под команда на италијански генерал, уште повеќе го засили сојузништвото меѓу двете земји и дава придонес кон безбедноста на евроатлантската област, се согласија денеска на средбата во Рим министерката за одбрана Радмила Шекеринска и нејзиниот италијански колега Лоренцо Гуерини.
Како што соопшти МО, Шекеринска на средбата истакна дека, по членството во НАТО, Северна Македонија дава придонес во колективната безбедност во Алијансата.
„Северна Македонија на тоа поле забрзано работи. Ние сме најновата членка на НАТО, што нè прави уште помотивирани да бидеме препознатлив сојузник кој дава значаен придонес во безбедноста на сите 30 земји. Развојот на нашиот најголем полигон, ’Криволак’, кој од високи НАТО – офицери е оценет како полигон кој нуди сеопфатни услови за развој на интероперабилноста, значи и развој на Алијансата. Македонската Армија започна процес на опремување и модернизација кој е овозможен од стабилното буџетирање на одбраната од кое не отстапуваме“,рече министерката Шекеринска.
Таа го информира својот колега за одлуката Армијата на Северна Македонија да испрати штабен офицер во составот на италијанскиот НАТО-деклариран корпус.

Италијанскиот министер Гуерини порача дека пристапувањето на Северна Македонија во НАТО е значаен чекор кон зголемувањето на стабилноста и безбедноста на целиот балкански регион. Тој изрази силна поддршка за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ и што поскоро одржување на првата меѓувладина конференција.
Балканот мора да биде стабилен – се согласија Шекеринска и Гуерини, а обновата на европската перспектива е важен чекор за безбедноста на регионот.
Министерката Шекеринска во италијанскиот Сенат се сретна и со претседателката на Комисијата за одбрана, Роберта Пиноти. На средбата се разговарало за соработката во одбраната. Пиноти на министерката ѝ изрази силна поддршка за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.
Преговорите на Северна Македонија и Албанија за членство во Европската Унија треба да почнат што поскоро, за да се зачува кредибилитетот на процесот на проширувањето и да се обесхрабрат идеите за промена на границите на Балканот, што би значело дестабилизација на овој дел од Европа, било оценето на средбата на Шекеринска со потсекретарот за европски прашања на италијанската влада, Винченцо Амендола.
„Ветото на Бугарија го нарушува кредибилитетот на процесот на проширувањето на Европската Унија. Избледувањето на европската перспектива за земјите од регионот ги охрабрува идеите за прекројување на границите и го вклучува алармот. Ние ги делиме европските вредности и регионот не смее да се турне назад во национализми. ЕУ има одговорност да ги донесе вистинските одлуки и да ја обнови европската перспектива за земјите од регионот кои тоа го заслужуваат – тоа е најдобрата гаранција за стабилност и напредок на регионот како дел од Европа“,изјави Шекеринска.

Амендола, како што соопшти Министерството за одбрана, ја потврди позицијата на Италија како силен поддржувач на целосната интеграција на Западен Балкан во ЕУ и оценката дека недоделувањето на датум за почеток на преговори за Северна Македонија и Албанија со ЕУ е сериозна историска грешка што треба да биде исправена.
„Италија ќе продолжи активно да лобира за што побрзо отворање на пристапните преговори и одржување на првата меѓувладина конференција во најкус можен рок. Италија е со вас“,потенцираше Амендола.