Шекеринска: За да се постигне договор со Бугарија, треба желба од двете страни

За да се постигне договор, треба желба од двете страни. Тука меѓу нас, во државата, не само во Владата, имаме желба проблемот да се реши. Ако има пола од таа желба и од бугарска страна, ќе го решиме проблемот, изјави вечерва министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Во однос на изјавите на нејзиниот бугарски колега Красимир Каракачанов, Шекеринска во гостувањето на телевизија Сител, рече дека е горда и сигурна во себе и својот македонски идентитете и нема што да дискутира со Каракачанов за тоа, нагласувајќи дека нашето право е наше право и дека премногу внимание околу тие игри, не е во наша полза.

– Понекогаш чинам дека премногу внимание посветуваме на изјавите, кои се дел од бугарскиот предизборен фолклор и тие најверојатно ќе бидат тука и за време на изборите, а може и по изборите. Но едно останува, или ќе се однесуваме европски, македонски, бугарски или ќе продолжат таквите политички навики да ни го трошат времето, изјави Шекеринска.

Прашана дали има проблеми во однос на македонскиот јазик во рамки на НАТО, Шекеринска рече дека со членството во НАТО, сме еднакви со сите.

– Ако отворите на страницата на НАТО ќе видите дека сите информации што се однесуваат на НАТО Алијансата се достапни и на македонски јазик, како што се достапни и на бугарски јазик и на англиски јазик и на француски јазик. Тоа е членството, еден си од еднаквите, изјави Шекеринска.

Тоа, нагласи таа, е резултат кој останува и сме го сработеле. – Во делот на НАТО си го ставивме и македонскиот јазик, и македонскиот идентитет и македонското знаме и Северна Македонија на мапата на НАТО, изјави вечерва министерката за одбрана Радмила Шекеринска, во гостувањето на телевизија Сител.

Back to top button
Close