Шест сценарија за војната во Украина

Грешките на руската армија, слабата мотивација на војниците, големите загуби и силниот украински отпор ја направија невозможна брзата победа на Русија. Што може да се случи понатаму? Шест можни сценарија:

   

 

Сценарио 1: Русија ја добива војната

Ако претпоставиме дека е можно Русија да ја победи Украина на бојното поле, рускиот претседател Владимир Путин веројатно би ја инсталирал својата марионетска влада во Киев или ќе ја приспои Украина на Русија. И двете опции бараат огромни воени ресурси од Москва за да ја задржи власта во Украина. Затоа што е јасно дека таа ќе наиде на огромен отпор од украинската страна.

Прашање е колку е реално ова да се случи. Ако претпоставиме дека Путин научил од досегашните грешки во воените односи, можно е Русија да ја реши војната во своја полза, но тоа може да потрае со месеци, ако не и години, вели за германската јавна телевизија ЗДФ, д-р Улрих Кин од Хамбуршкиот институт за истражување на мирот и безбедносната политика. Сепак, таквата воена победа нема да донесе мир во Украина, рече тој.

Сценарио 2: Украина да капитулира 

Тешките воени порази, штетите на инфраструктурата и многу цивилни жртви може да го принудат раководството на Украина да капитулира. Сепак, Киев нема да може да постави никакви барања. И во ова сценарио можно е руска марионетска влада во Киев или присоединување на Украина кон Русија.

Во оваа фаза, сепак, тоа е малку веројатно, бидејќи украинскиот отпор досега беше доста успешен. Да потсетиме, претседателот Володимир Зеленски јасно стави до знаење дека Украина ќе се спротивстави по секоја цена. За капитулација би се размислувало само доколку военото раководство на Украина биде принудено да ја напушти земјата или ако Русите успеат да го обезвреднат политичкото и военото раководство на Украина. Експертот Улрих Кин смета дека ова сценарио е малку веројатно.

Сценарио 3: Украина успешно се брани 

Со помош на испораките на оружје од Запад, украинската армија можеби ќе успее да ја одбие руската војска. Но, сето тоа ќе зависи од очекуваната втора руска офанзива. Ако успее во тоа, тогаш „теоретски се ќе биде можно“, рече Кин, додавајќи дека не е јасно дали во таков случај Украинците би застанале само до границите на таканаречените „републики“ Луганск и Доњецк или ќе продолжат се додека не ги истуркаат Русите од меѓународно признатите граници на Украина.

Сценарио 4: Руската офанзива е запрена 

Ако руската инвазија биде „замрзната“ поради силниот украински отпор, тоа ќе биде класичен ќор-сокак. Тогаш линиите на фронтот веќе нема да се поместуваат. И тука многу ќе зависи од тоа што ќе се случи за време на втората руска офанзива. Ако исто така биде сопрена, тогаш сè би било можно, вклучително и сценариото на Верден (позициона војна) или почеток на преговори меѓу двете страни. За разлика од претходните мировни преговори, ќе се бараат одговори на прашањето како би изгледал мировниот договор. Токму ова сценарио Кин го смета за најреално.

Сценарио 5: Се поблиску до Трета светска војна 

Ако, намерно или по грешка, НАТО биде гранатиран или Русите решат да употребат хемиско, биолошко или дури нуклеарно оружје, конфликтот може да ескалира во Трета светска војна. Не дека тоа е целосно исклучено, но е тешко веројатно, оти биолошкото оружје би ги поразило и нивните војски, а не само противничките. Ако Русите посегнат кон хемиско оружје, тоа може да го зголеми политичкиот притисок врз НАТО да влезе во војната во Украина. Таква опасност постои. Што се однесува до употребата на нуклеарно оружје, руската воена доктрина вели дека тоа е дозволено само „во краен случај“.

Многумина сугерираат дека ако Путин си замине, војната ќе заврши. Ова сценарио е можно само ако претпоставиме дека може да биде соборен од власт од рускиот народ или од руската внатрешна елита. Ова е можеби најнереалното од сите сценарија. Затоа што Путин ужива солидна поддршка во општеството, која дополнително ја зајакнува државната пропаганда. Опозициските лидери се исто така во затвор, бегаат во странство или претпочитаат да молчат.

И руската елита не е закана за Путин, вели Кин. „Не мислам дека е можен државен удар организиран од војската. Според мене, олигарсите не можат да ѝ се закануваат на владата на Путин, бидејќи немаат никакво влијание врз политичките одлуки.Ако нешто е можно, тоа мора да дојде од потесниот круг на советници на Путин. Но, тие работат со него со години и целосно ја следат неговата линија“, истакна Улрих Кин за телевизијата ЗДФ.

извор: ДВ

Back to top button
Close