Шестмината нови судии на скопска Апелација дадоа свечена изјава
Свечена изјава пред отпочнување на вршењето на функцијата судија на Апелациониот суд Скопје денеска пред Судскиот совет дадоа новоизбраните судии Елизабета Настов, Софија Миленкова, Цветанка Сиљаноска Костадиновска, Кети Германова, Благица Ѓошевска и Артан Лимани.
Шестмината судии за Апелацискиот суд Скопје Судскиот совет ги избра во мај годинава на 523 седница, по што течеа рокови за жалби на изборот.
Судиите Елизабета Настов, Софија Миленкова, Цветанка Сиљаноска Костадиновска, Кети Германова и Артан Лимани доаѓаат од Основниот граѓански суд Скопје, а судијката Благица Ѓошевска, од Основниот суд Крива Паланка.
На огласот за избор на 10 судии на Апелациониот суд Скопје, Судскиот совет освен овие шестмина судии за граѓанска област избрани и четворица судии за кривична област.
За судии на Апелациониот суд Скопје, за кривична област избрани се Марија Клетничка Марковска, судија на Основен кривичен суд Скопје; Оља Ристова, судија на Основен кривичен суд Скопје; Иван Џолев, судија на Основен кривичен суд Скопје и Бетим Јахја, судија на Основен суд Тетово.
Свечена изјава пред отпочнување на вршењето на функцијата претседател на Основен суд Охрид денеска даде и судијата Бојан Мартиноски.