Шилегов ја напушти дебатата на МРТ, вели морал да се врати на работа

Градоначалникот на Скопје и актуелен кандидат за повторен мандат, Петре Шилегов предвреме си замина од дебатата на МРТ на која учествуваа сите кандидати за градоначалници, а се емитуваше вечерва.

Тој искомуницира со водителот, кој потоа соопшти дека Шилегов има обврски и мора да си замине. Шилегов доби една минута завршно излагање, ги сослуша репликите и одговори.

Тој се извини што мора да се замине, по што ја напушти дебатата. Но тоа не помина добро кај дел од учесниците, кој го критикуваа. По него, револтирано си замина и Петар Георгиевски Камиза. Малку подоцна си замина и Данела Арсовска. Сепак, по неколку минити и двајцата се вратија.

Бени Шаќири рече дека до крајот на дебатата нема да каже збор, туку ќе биде украс.

Сепак, Шилегов вели дека не бегал од дебата, туку мора да се врати на работа, бидејќи дебатата траела повеќе од договорените два часа.

-Дебатата (снимањето) беше со почеток во 11 часот и траеше подолго од договореното, повеќе од два часа, „каде јас се извинив на присутните бидејќи морав да се вратам на обврските како актуелен градоначалник, за разлика од останатите кандидати коишто ја немаат таа обврска во тек на работното време. Ниту еднаш до сега, дали тоа било во изминатите четири години или за време на кампањата, не сум одбил да учествувам во ниедна дебата. Дебатите за мене се демократски чин и претставуваат најдобро презентирање на идеите, проектите и визијата за Скопје, објасни Шилегов.

Back to top button
Close