Шилегов ѝ ја отстапи градоначалничката фотелја на Арсовска

Данела Арсовска. новоизбраната градоначалничка на Скопје, денеска ја презеде функцијата од досегашниот градоначалник и нејзин главен противкандидат на локалните избори, Петре Шилегов.

Изјава по примопредавањето на должноста даде само Шилегов, кој истакна дека ја запознал Арсовска со основните и најбитни работи.
„Очекувам дека брзо ќе се запознае со проблематиката во градот, која е комплексна во многу сфери, меѓутоа екипата што остана овде е сериозно професионална и очекувам дека ќе ѝ помогне да има успешна работа -рече Шилегов.
Од тимот на Арсовска најавија дека во следните денови новата градоначалничка на Скопје ќе ѝ се обрати на јавноста преку новинарите.

Шилегов, како член на ИО на СДСМ, ги коментираше и последните политички случување со мнозинството во Собранието, при што рече дека она што се случуваше во текот на викендот повеќе било замајување на јавноста, забава на јавноста и обид да се остане во политичка игра. Во текот на неделата, како што посочи Шилегов, ќе се одржи седница на Извршниот одбор на партијата на која многу од работите ќе бидат разрешени.

Арсовска водеше во првиот изборен круг, а во вториот круг го победи Шилегов со 118 792 спрема 90 662 гласа. Претходно, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ја најави оставката доколку владејачката партија го изгуби главниот град, каде што во 2017 година Шилегов победи во првиот круг освојувајќи над 141 илјада гласа.

Пред вториот изборен круг, СДСМ излезе со обвинувања дека Арсовска, која формално настапуваше како независна кандидатка, иако беше поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, крие од скопјани дека има бугарско државјанство, како и жителство во Петрич.

Back to top button
Close