Шилегов го отвори реновираниот кеј, вети ограничување на возилата

Во овој момент, ниту едно возило нема добиено дозвола за движење по кејот и не очекувам дека такво нешто ќе се случи. Во најлошата варијанта, би биле околу 20 возила кои ќе можат да сообраќаат по еден час наутро и еден час попладне, рече Шилегов

Со настап на Градскиот дувачки оркестар и изложбата „Сигналитика на централното подрачје на Скопје“, Град Скопје денеска го отвори реновираниот кеј „13 Ноември“.

Реконструкцијата почна да се реализира пролетва, а чини 1.5 милиони евра.

Како што посочуваат од Град Скопје, со реконструкцијата е опфатено поплочување, патека за лицата со попречености, високо зеленило – дрворед, поставување клупи, смарт-клупи, корпи за отпадоци, нови жардиниери за дрворедот, канделабри, рефлектори за осветлување и нови бетонски и електрични столбови заради реализација на забраната за паркирање и движење по кејот „13 Ноември“.

 

„Ослободивме повеќе место за пешаците и велосипедистите преку целосно спречување на можноста за нелегално паркирање на овој простор и сериозно ограничување на протокот на возила кои ќе можат да ја користат сервисната улица лоцирана непосредно до самиот ѕид на кејот. Кејот има доволно простор за сите негови корисници од граѓаните кои го користат за прошетки, одмор и релаксација, па се до бизнисите кои во најголем дел се угостителски објекти со повеќегодишна традиција. Терасите кои ги користат угостителските објекти сега се унифицирани и организирани се на начин што овозможува да дојде до израз прекрасниот двоен дрворед од повеќегодишни дрвја со раскошни крошни…Денес, сеќавајќи се на жртвите на Скопскиот земјотрес, во нивна чест со гордост можам да кажам дека Скопје повторно е наша радост, а Кејот 13 Ноември повторно е местото каде што таа радост најубаво се гледа“,

кажа Шилегов.

 

На новинарско прашање, Шилегов рече дека дозвола за движење по реновираниот кеј ќе имаат најмногу дваесетина возила.

„Во овој момент ниту едно возило нема добиено дозвола, не очекувам дека такво нешто ќе се случи. Во најлошата варијанта ќе бидат околу 20 возила кои ќе може да сообраќајат еден час наутро и еден час попладне.  Дотурот на роба ќе оди преку ГТЦ бидејќи рестораните се дел од економскиот оператор на ГТЦ и оттаму може да вршат дотур на роба“

рече Шилегов

Back to top button
Close