Шилегов: Иницијатор на спомен плочата на „Мајка Тереза“ е Здружението за заштита на ликот и делото на Мајка Тереза
– Новата спомен плоча на „Мајка Тереза“ на плоштадот на градот е активност на Здружението за заштита на ликот и делото на „Мајка Тереза“. Градот Скопје освен да помага нема никаква друга правна можност да врши реконструкција, истакна денеска градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.
Тој појасни дека Здружението за заштита на ликот и делото на „Мајка Тереза“ е иницијатор, изработувач и финансиер на овој проект, но како што рече, според него ова идејно решение е прифатливо.
-Градот нема активности освен што помага на Здружението за заштита на ликот и делото на „Мајка Тереза“. Тие беа иницијатори, тие се финансиери и изработувачи на спомен обележјето на начин на кој што е изведено, ние ниту имаме право ниту имаме правна можност како Град самоиницијативно да ја вршиме реконструкцијата на местото каде што е спомен плочата. Идејното решение за мене беше прифатливо од причина што достапноста до спомен плочата од страна на јавниот простор да се надмине проблемот што со криминалната продажба на локацијата за изградба на шпанските скали е наметната кај локацијата на куќата на „Мајка Тереза“, рече Шилегов во одговор на новинарско прашање.
Градоначалникот Шилегов додаде дека станува збор за приватен имот, и затоа Градот нема право да троши јавни пари на таа локација.