Шилегов: Конески ќе добие споменик пред неговата куќа на Водно

По повод 100 годишнината од раѓањето на великанот Блаже Конески, Градот Скопје е во постапка за подигнување спомен-обележје пред куќата на Конески на Водно, рече денеска градоначалникот Петре Шилегов на тркалезната маса „Разговори со Конески“ која се одржа во дворот на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

„Како поет, раскажувач, препејувач, литературен историчар, лингвист и есеист Блаже Конески стана препознатлив национален симбол на нашата понова историја, околу кого се вкрстуваа високите вредности на македонскиот јазик и на целокупната наша литература и култура. Еден странски учен вели дека: Без да се запознае творештвото на Конески, не може да се има претстава за современиот научен, културен или општествен пејзаж на Македонија. Јас ја имав таа среќа да живеам во времето на Конески, да го среќавам по скопските улици, да го слушам на радио и телевизија, да го читам, но и да бидам градоначалник во 100-годишнината од неговото раѓање. Се радувам што Град Скопје со низа активности се вклучи во одбележувањето на овој наш значаен јубилеј. Ќе се обидам да набројам само дел од нив: финансиравме издавање на книга „100 песни на Конески“; ја поддржавме неодамнешната трибина во Културно-информативниот центар во негова чест, како што го поддржуваме и овој денешен собир; во тек е постапката за подигнување спомен-обележје пред куќата на Конески на Водно и, за крај, посебно сум горд што еден од најцентарските булевари веќе го носи името Блаже Конески. Со тоа барем малку му се оддолжуваме за неговото големо дело“, рече Шилегов.

Со своето дело и со својот лик, додаде тој, Конески прерасна во култна личност на македонскиот дваесетти век.

На трибината присуствуваа и директорката на Институтот „Крсте Мисирков“, Елена Јованова-Грујовска, професорите Вера Антиќ, Људмил Спасов и Благица Петковска, како и матурантите од средното училиште „Никола Карев“.

 

Back to top button
Close