Шилегов: Општина Чаир да најде начин за рушење на дивоградбата кај Мавровка
– Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов истакна дека општина Чаир треба да најде начин и модалитет за рушење на дивоградбата кај Мавровка, со оглед на тоа што Градот веќе го обелодени проблемот. Како што појасни, постои и опција Државниот градежен инспекторат да преземе активности и ингеренции за отстранување овој објект.
Според Шилегов, Градот Скопје како институција веќе го има повлечено институционалниот потег со тоа што го обелодени проблемот, сега е на општина Чаир да најде решение за дивоградбата.
-Јас на неколку наврати кажав дека Градот го обелодени и го институционализираше проблемот со дивоградбата на Мавровка, односно ние како институција го повлековме институционалниот потег и во рамки на одговорнистите кои ги има Град Скопје како институција, онака како што се законите поделени ние ги преземавме сите можни дејствија. Останува на Општина Чаир да изнајде начин и модалитет за рушење на дивоградбата а зошто да не на крајот на денот и Државниот градежен инспекторат да преземе определени активности и ингеренции со кои би дошло до отстранување на тој објект, рече тој денеска во одговор на новинарско прашање.
Според градоначалникот, единственото добро решение би било градежните инспекторати од општините да се префрлат на Градот, со што Градот Скопје би ги инспекторирал евентуално недозволените градби.
-Единственото добро решение би било градежните инспекторати од општините да се префрлат на Градот, така што би ја имале таа хиерархија или двојноста меѓу општините кои се во состав на градот, кои би ги издавале градежните дозволи и градот Скопје кој што би ги инспекторирал евентуално недозволените градби, нагласи тој.
Додаде дека тоа е концепт што ќе овозможи или оневозможи градежно дивеење на територија на Градот од една страна, а од друга страна, според него, интересот на општините ќе биде сериозно запазен, а тоа е во рамките на урбанизмот целосно да се спроведуваат деталните урбанистичките планови.