Шилегов- Земање државјанство од друга држава е лична работа но ме загрижува зошто крие

Противкандидатот на Данела Арсовска вели дека е лична одлука ако некој решил да земе државјанство на друга држава, но, како што вели, го загрижува криењето на вистината од јавноста

 

Ако некој решил да земе државјанство на друга држава тоа е лична одлука. Она што ме загрижува мене, а верувам и сите скопјани, е криењето на вистината од јавноста и од новинарите, вели досегашниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, директен противкандидат на Данела Арсовска, за која СДСМ, овие два дена, пласира документи како докази дека има државјанство во Бугарија и лична карта со адреса во Петрич.

„Прашањето е за што уште Арсовска не ја кажувала вистината? Како тоа нема време да одговара на прашања на медиумите за вакво важно прашање? Нема време и интерес за дуел да соочи аргументи, нема време да одговара на прашања на новинарите.Скопјани секако не заслужуваат ваков третман од некој кој претендира да биде градоначалник. Очигледно Арсовска е склона кон криење на факти од јавноста. Преку овој случај сериозно се доведува во прашање нејзиниот интегритет и чесност како можен градоначалник на Скопје. Тоа е клучното прашање кое треба да го постави јавноста и медиумите. Одлуката на Арсовска да има бугарско или друго државјанство е нејзина лична и јас тоа нема да го коментирам“,напиша Шилегов на Фејсбук.

Тој в недела, како кандидат на СДСМ, ќе има директно соочување со Арсовска, како кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, во вториот изборен круг за Скопје.

Арсовска изјави денеска дека, со оглед на тоа што СДСМ вчера ги пласираше обвинувањата за „бугарското државјанство“, таа нема време, два дена пред избори, преку правна процедура да докаже дека, како што вели, станува збор за безумни лаги.

Електронскиот увид во Избирачкиот список на Бугарија што го направи „360 степени“, според објавените податоци/фотографии од страна на владејачката партија, покажува дека Даниела Арсовска, жената од бугарската лична карта што денеска ја презентираше СДСМ тврдејќи дека тоа е Данела Арсовска, има право на глас во Петрич, каде што е жителка.

Податоците од избирачкиот список значат и дека дел од информациите на личната карта што ја објави СДСМ се неспорно точни и проверливи. Прво, дека во Бугарија навистина постои државјанка Даниела Арсовска, дека е жена, дека има адреса во Петрич и дека според матичниот број, таа е родена на 20 декември 1979 година.

Back to top button
Close