Ширењето на КОВИД-19 во Северна Македонија предизвика ширење на исламофобијата

Откако започна пандемијата на вирусот КОВИД-19 во Северна Македонија, тој не е единственото нешто кое почна да се шири помеѓу граѓаните. Заедно со тоа, се зголемува и бројот на лажни вести, говори на омраза и анимозитет во народот.

Општо ширењето за лажни вести за КОВИД-19 започна од самото негово појавување во последните денови од 2019 година, што доведе до прогласување на „инфодемија“ од страна на Светската Здравствена Организација.

Голем дел од жариштата на лажни информации почнаа да се шират и во Северна Македонија, почнувајќи од различни невистинити начини на спречување, како и алтернативни лекови за кои се тврдеше дека можат да спречат заразување или да го излечат примателот. Ова доведе до Северна Македонија повторно да биде означена како еден од поголемите пунктови за ширење на лажни вести од страна на надлежните на Фејсбук.

Поради воведувањето на полицискиот час за време на големите верски празници, тоа исто така имаше голем придонес во зголемувањето на говорите на омраза, како и воведување на темата на религиска нетолеранција и нееднаквост.

Социјалните мрежи беа преплавени со теории на заговор, неверување во постоењето на вирусот и омраза. Некои луѓе дури и тврдеа дека вирусот е само подвиг на светските влади за да го исплашат народот и да капитализираат на пандемијата.

Еден од најистакнатите примери за искористување на анимозитетот кон другите религии во државата беше поранешниот лидер на Исламската Верска Заедница, Сулејман Реџепи. Во својата борба за надмоќ, Реџепи ги премина границите со тоа што за време на исламскиот празник Бајрам, вирусот го прогласи за „мртов,“ што доведе до отстранување на неговата функција од страна на повисокиот орган на исламската заедница.

Со ширењето на коронавирусот и растењето на бројот на заразени, се повеќе и повеќе почна да се зголемува идеологијата за етничка и верска омраза. Сето ова почна со скандалозна вест која тврди дека 64% од граѓаните на Северна Македонија кои смеат да добијат ваучер од владата се етнички Албанци, а само 16% се Македонци. Иако ова беше лажна вест, и беше споделена од страна на повеќе македонски медиуми, говорот на омраза кај народот драстично дојде до израз, и на сите социјални мрежи се ширеа тврдења дека Владата и водечката партија има наклоност кон другите верски и етнички заедници.

Поради масовното непочитување на мерките и етничките и верски нееднаквости во Северна Македонија, таа не успеа да се појави на листата на светски познатиот медиум Форбс како земја која е безбедна во однос на ширењето на КОВИД-19. Лидерот на опозициската партија ВМРО, Христијан Мицкоски, остана должен да им објасни на граѓаните дека истражувањето не е направено од самите Форбс, туку од Deep Knowledge Group. Еден од инвеститорите и нарачател на статијата на Форбс, рускиот олигарх Дмитри Камински, призна дека истражувањето не е идеално, и дека не може за сите земји во светот да се направи прецизно истражување. Но, тој исто така додаде дека пристрасноста и расизмот можат да влијаат во пласманот на одредена држава на таа листа.

Ширењето на говорот на омраза и негативностите кон етничките и верските заедници сè уште не згаснува, и еден неодамнешен случај на тоа доаѓа во вид на твит напишан од страна на академик Катица Ќулавкова. На 6 јуни, 2020 година, таа на својот профил напиша дека „соживотот го плаќаме со живот.“ Преносното значење на овој исказ е дека големиот пораст на новозаразени со вирусот се директна вина на граѓаните на Северна Македонија од друга етничка група или вероисповед. Овој твит беше изложен на огромен број на критика и народот не го криеше своето незадоволство со ова мислење. 

Во време кога целиот свет се бори со пандемијата, и кога националната еднаквост и отфрлање на сите анимозитети, како и соживотот се најбитни за да се справи со вирусот на најефикасен начин, со нејзините изјави, академик Ќулавкова успеа да најде простор за да оправда говор на омраза кон етничките и верските заедници. Да го смири пожарот од негативни коментари, Ќулавкова, која е член на МАНУ, организација која се бори државата да стане напредно општество, особено во образованието, базирано на науката и знаењето, потоа додаде дека твитот бил личен, и дека не бил поврзан со етничката ситуација во Северна Македонија. За жал, не успеа да ги смири негативните коментари на народот, и беше принудена да го избрише својот Твитер профил.

Уште понов пример за негативност кон исламската вероисповед коинцидира со Парламентарните избори 2020, односно коментарите на кандидатот за пратеник на левичарската партија Златна Зора, проф. др. Димитар Апасиев. Тој тврди дека Северна Македонија е целосно „исламизирана,“ до тој степен што тврди дека учениците во арапските земји изучуваат т.н. „радикален ислам.“

Огромен број на граѓани го критикуваа Апасиев поради неговите екстремистички изјави. Еден од коментарите вели „За ваква изјава овој во нормална држава би требало кривично да одговара.“

Освен „скандалот“ што се случи за владините ваучери, голем број од говорите започнаа откако се установи, по укинување на голем дел од мерките за спречување на ширењето на вирусот, дека поголем број од новите заразени случаи во Северна Македонија потекнуваат од тие делови на државата каде што доминира население од исламска вероисповед.

Никогаш, во ниеден случај, не треба да има оправдување за негативност, анимозитет и омраза кон етничките и верски заедници, но со ширењето на КОВИД-19 токму тоа се шири помеѓу граѓаните. Со ширење на исламофобијата во државата, расте омразата кон членовите на истата верска заедница, и долгорочно тоа може да доведе до радикализација и насилно, екстремистичко однесување и со тоа да дојде до сериозно нарушување на националната безбедност. 

Афродита Муслиу e Извршен директор на НЕКСУС Граѓанскиот концепт и истражувач во областа на насилниот екстремизам, етно-национализмот, говорот на омраза, лажните вести и дезинформациите.

Back to top button
Close