Шкарт бракчиња

Не можеш да им забележуваш на луѓето што бараат пари од државата. Не можеш ни да им забележуваш оти за сè што не им чини, виновна им е државата. Така е затоа што триесет години сите досегашни власти си направија привилегирана класа. Вработени на државно. Со помош на партијата која тогаш била на власт. И таа привилегирана класа смета дека нејзе ѝ е природно дадено правото државата да ја одржува со привилегии. Да бара пари од државата. Без да праша дали државата има пари. И без да праша од каде би имала пари. Едноставно, мора да им даде пари. Како размазени деца што се трескаат од земја во самопослуга. Чиниш, државата е нешто апстрактно, нешто таму горе од кое може да се земе, да се ќари, да се зафркне… Како државата да не сме сите ние даночните обврзници што го полниме буџетот за да функционира баш – државата. Ама и власта и опозицијата не се загрижени како им е на тие што го полнат буџетот. Ним им се важни тие што ги трошат парите од буџетот. Тоа гласачко тело им е под контрола. Затоа и го сервисираат само него. Ковид криза, енергетска криза, војна во Украина, криза со храна… Целото стопанство е во грч. Цели фабрики можеби ќе престанат да работат. За мали фирми, пак, ич муабет не правиме. Луѓе ќе останат без плати. Ама важно администрацијата ќе штрајкува. Оти било понижувачки да имаат малку поголеми плати од минималната плата на работниците од приватните фирми што им ги обезбедуваат нивните плати. Па и К-15 ќе им дадат. Да ја направат државната работа уште поатрактивна за вработување. А на приватниот бизнис уште повеќе да му го искомплицираат животот. Дајте ни пари сега, па утре ќе викаме „уааа…“ по државата. Тие пари со кои ќе се задолжиме за да ја сервисираме администрацијата утре ќе треба да се враќаат. Кој ќе ги враќа, кога вредните се отселија од државата, а амбициозните деца отидоа на школување на универзитетите во странство? Од што ќе ги враќаме парите, кога веќе ни пиперки не правиме како што треба? Владата ќе ѝ даде на привилегираната класа од позајмените пари, ама после ќе се самоубиваме како Грците во 2008 кога изгубија и куќи и бизниси од потрошеното, а незаработено. Банките и кај нас ќе си дојдат по своето. Само што Грција е во ЕУ па имаше кој да ја спаси. Нас нема кој да нè спасува.
Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК

Back to top button
Close