Шмит: Сите да се воздржат од интервенции, закани, притисоци и да ја почитуваат независноста на судството во БиХ
Високиот претставник во Босна и Херцеговина (БиХ) Кристијан Шмит денеска во Сараево изјави дека Управниот одбор на Советот за спроведување на мирот во БиХ (ПИК) ги повика сите да се воздржат од интервенции, притисоци, политички закани и да ја почитуваат независноста на судството.
Наведувајќи дека на состанокот се обраќа во својство на претседател на Управниот одбор на ПИК, тој изјави дека на средбата се разговарало за актуелната политичка ситуација во врска со судската постапка против претседателот на Република Српска (РС) Милорад Додик и Вршителот на должноста на Службен весник на РС Милош Лукиќ пред Судот на БиХ.
-Одборот на директори на ПИК ја изрази својата недвосмислена посветеност на територијалниот интегритет на БиХ, како единствена и суверена држава, составена од два ентитета и округот Брчко, рече Шмит на прес-конференцијата пред седиштето на Канцеларијата на високиот претставник (ОХР) во Сараево.
Тој истакна дека „нема преговори“ за БиХ и дека земјата ќе продолжи да напредува на својот европски пат, на што, оцени, се посветени и нејзините граѓани.
Претходно денеска, Шмит се сретна и со командантот на ЕУФОР во БиХ, генерал-мајор Флорин-Маријан Барбу.
ОХР објави дека разговарале за актуелната политичка и безбедносна ситуација во БиХ.
Судот на БиХ утре во 13 часот ќе ја изрече првостепената пресуда против претседателот на Република Српска (РС) Милорад Додик и в.д на Службен весник на РС Милош Лукиќ за неприменување на одлуките на високиот претставник во БиХ.
Изрекувањето на оваа пресуда нема да се пренесува во живо, соопшти Судот на БиХ, со образложение дека не се во можност да обезбедат таков пренос од технички причини