Шмит во Советот за безбедност на ОН: БиХ е во најтешка криза од Дејтон, но нема опасност од војна

На редовната полугодишна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации, високиот претставник на меѓународната заедница Кристијан Шмит го претстави најновиот извештај за состојбата во Босна и Херцеговина, оценувајќи дека земјата се соочува со најсериозната криза од потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор, но нагласи дека „опасност од војна нема“.

Шмит потсети на значењето на Резолуцијата 1031 на Советот за безбедност од декември 1995 година и најави дека кон крајот на мај во Дејтон ќе се одбележат 30 години од мировниот договор, со учество на претставници од БиХ, Србија, Хрватска, НАТО и меѓународната заедница.

Тој истакна дека извештајниот период бил обележан со „значително зголемени тензии“, особено во првиот квартал од 2025 година.

– Ова е исклучителна криза – најтешка од Дејтон – но сè уште не гледам индикации дека станува збор за безбедносна криза, рече Шмит.

Поголемото влошување на состојбата, според него, настапило по пресудата против претседателот на Република Српска, Милорад Додик, кој потоа ги засили нападите врз уставниот поредок, дури и најавувајќи можност за сецесија.

– Брзината со која беа донесени законите во ентитетот покажува дека документите биле однапред подготвени. Тоа е спротивно на Дејтон, а Уставниот суд на БиХ ги укина тие закони, рече тој.

Шмит предупреди и на донесувањето ентитетски закони што се во судир со државните надлежности, што дополнително ја нарушува политичката стабилност и го забавува процесот на приближување кон ЕУ.

Граѓаните, вели тој, сè почесто му се обраќаат со прашањето: „Можете ли, г-дине Шмит, да спречите нова војна?“ Неговиот одговор е јасен: „Нема опасност од војна“. Сепак, предупреди на „запаливата реторика и навредите од одредени актери, кои го доведуваат во прашање опстанокот на БиХ според Дејтонскиот договор“.

Тој ги пофали вработените во државните институции, особено од Република Српска, кои не ги следеле незаконските наредби, и ги посочи опозициските партии што јасно се спротивставиле на таквото однесување.

За хрватската заедница рече дека е посветена на европската интеграција и дијалогот, а како позитивен пример го посочи Мостар, каде локалните актери решавале проблеми без надворешно мешање.

Говорејќи за владеењето на правото, Шмит ја нагласи важноста од спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права, вклучувајќи ги случаите Сејдиќ-Финци, Комшиќ и Љубиќ. Според него, дискриминацијата мора итно да се надмине, а уставните реформи треба да бидат во согласност со европските стандарди.

„Народот во БиХ може да живее заедно. Заедниците не поддржуваат сецесионизам ниту екстремизам. За тоа има многу докази. Меѓународната заедница мора да му помогне на овој народ и да покаже дека не е заборавен“, порача Шмит.

Иако економската состојба во БиХ е стабилна, тој предупреди на сериозен демографски пад, особено кај младите, и ја истакна потребата од подобри податоци за да се разбере реалната слика. Посочи и на зачестените природни катастрофи и значењето на заштитата на животната средина.

– Не можеме да ја игнорираме реалноста. Дејтонскиот договор останува темелот за БиХ, но мора да се надградува, не да се доведува во прашање, изјави Шмит.

Ги повика политичките лидери да се насочат кон исполнување на 14-те приоритети од Европската комисија, борба против закани, зајакнување на функционалноста на државата и реформи за обезбедување просперитетна иднина.

– Ниту еден поединец не е над законот, заклучи Шмит, додавајќи дека Канцеларијата на високиот претставник (OHR) никогаш не требало да биде трајна институција, туку дека тежнеењето кон ЕУ треба да се изгради врз дејтонскиот систем.

Back to top button
Close