Шофери на министри се веќе казнети, за министер за полиција, премиер, претседател важат други правила, вели Тошковски

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска истакна дека системот „Сејф сити“ ќе функционира исклучиво на принцип на неселективност и дека ниту еден функционер, вработен во институциите или возач на службено возило нема да биде изземен од санкции доколку направи сообраќаен прекршок.

Одговарајќи на новинарско прашање дали функционерите ќе бидат казнувани, Тошковски рече дека правилата ќе важат за сите, без исклучок

„Сејф сити единствено може да даде соодветен одговор ако прави до крај неселективност. Никој нема да биде исклучен. Возило на Брза помош кога ќе вози побрзо од јасно пропишани ситуации, нема да биде казнет. Исто и за возило на МВР кое работи. Ќе ја има јасно утврдени процедури. Тоа ќе биде констатирано во рамки на Сејф сити. Никој нема да биде иззмеен, односно ќе биде казнет. Веќе досега, шофери на неколку министри се казнети. Сториле сообраќаен прекршок, било констатирано од полицајци, биле казнети“, рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски прашан дали функционерите ќе бидат казнети.

Според него, и досега биле казнувани шофери на министри.

„Ниту министерот за внатрешни работи во рамки на тековното работење, нема да биде екскулпиран во сообраќаен прекршок. Во рамки на утврдена процедура за министер за внатрешни работи, претседател на држава, премиер, претседател на Собрание, тука важат други правила на игра“ одговори Тошковски на прашање „Колку ве возеа вас додека доаѓавте на настанот“, а кога новинарот посочи „Значи ве возеле повеќе од 50 км/ч, тој додаде „Вие сакате да чуете нешто што би дало шмек и доза дека не важи правилото за министерот. Но тоа не е точно. Министерот нема цел живот да биде министер, еден ден нема. И сега ако министерот управува возило над дозволеното, ќе биде казнет. И досега биле казнети министри“.

Прашан, кој министри биле казнети, Тошковски посочи само: „Биле казнети луѓе кои возеле министри, а внатре биле министри. Не сакам да ги специфирам, но најмалку три за кои јас знам“.

Министерот информираше дека МВР во изминатиот период работи заедно со сите релевантни институции на ревидирање на постојните патишта каде ќе бидат поставени безбедносните камери. Пробниот период, кој трае околу еден месец, го оцени како „критично важен“ за граѓаните да се запознаат со концептот и за унапредување на самиот систем.

„Изминатиов период претставници од МВР со сите институции работат на ревидирање на сите постоечки патишта на кои ќе се лоцираат безбедносните камери. Овој тест период за овие триесетина дена, е навистина одлична можност како граѓаните да се запознаат со тоа што сакаме да го имплементираме. Секоја дебата кога ја отворате, како мисла водилка пред себе да го имате пред себе дека ние сме една од најлошите земји во свет, според бројот на луѓе што ги губиме на улциите. 142 жртви не е само бројка, туку луѓе со родители и семејства. Легитимно е како јавност да отворате прашања од интерес на јавноста, но пред било кое прашање да го поставите, пред себе да имате факт кој нас нѐ става во дното на земји со број на загубени човечки животи“, рече Тошковски објави Скопје1.мк

Back to top button
Close