Шолц сака 80 отсто од луѓето во Германија да бидат вакцинирани до 7 јануари
Германскиот сојузен канцелар Олаф Шолц сака 80 отсто од луѓето во Германија да бидат вакцинирани до 7 јануари, јави ДПА.
Според портпаролот на кабинетот, Штефен Хебешрајт, целта од 80 отсто се однесува на оние со прва доза.
Во моментов, 61,2 милиони луѓе во Германија се вакцинирани со најмалку една доза, што е 73,6 отсто од вкупното население.
За да се достигне целта од 80 проценти, на околу 5,3 милиони луѓе мора да им се аплицира првата доза до 7 јануари. На тој датум, Шолц има намера да одржи дополнителни разговори со премиерите на германските провинции за борбата против пандемијата на коронавирусот.
Шолц ја спомена новата цел на кампањата за вакцинација, но потоа не прецизираше конкретен рок.