Шолц загрижен поради интервенциите на Маск во германската изборна кампања
Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изрази загриженост поради интервенциите на милијардерот и сопственик на Икс, Тесла и Спејс Икс, Илон Маск, во изборната кампања во Германија, пренесува ДПА.
– Она што навистина треба да не загрижи е тоа што човек како Илон Маск, кој има голема медиумска моќ, ги поддржува екстремно десничарските партии во Европа, на пример во Обединетото Кралство, во Германија и во многу други земји, рече Шолц за време на една изборен митинг во Швалбах ам Таунус, во близина на Франкфурт.
Шолц посочи дека Маск не е првиот богат конзервативец кој се обидел да го искористи своето влијание за време на изборна кампања.
– Фактот дека конзервативните сопственици на медиуми водат жестоки кампањи против социјалдемократските политичари не е ништо ново. Тоа секогаш им било дозволено. Ново е што тоа се случува од странство, но е покриено и со слободата на изразување“, кажаи Шолц.
Во пресрет на германските предвремени избори на 23 февруари, Маск ја повеќепати пофали екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) како „единствена партија која може да ја спаси Германија“, а неодамна одржа разговор во живо на неговата платформа Икс со лидерката на АфД, Алис Вајдел.
Тој исто така беше многу критичен кон Шолц и кон германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер.
Конзервативната алијанса ЦДУ/ЦСУ, која во моментов е во опозиција, води во германските предизборни анкети со околу 30%, а по неа е АфД со околу 20%. централно-левичарската СПД на Шолц заостанува со 16%, а потоа се Зелените, неговиот коалициски партнер, со 13%.