Шоу по масакрот во Тексас: Трамп бара повеќе оружје во училиштата

Само неколку дена по масакрот во Увалде, на својот настап на годишниот конгрес на лобистите за оружје, екс-американскиот претседател Доналд Трамп побара укинување на забраната за оружје во училиштата.
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп ја искористи бината на годишниот конгрес во Хјустон на НРА, Национално стрелачко здружение, најголем лобист за оружје во земјата, за да побара училиштата да не бидат веќе зони без оружје. На почетокот на својот говор, Трамп го осуди крвавиот масакр во основно училиште во Тексас, во кој жртви беа 19 деца и двајца наставници како „грозен и варварски акт“. Тој гласно ги прочита имињата на убиените, заради одавање почит, како што рече, но отфрли промена на законите за носење оружје како последица на злосторството.

Наместо тоа, Трамп предложи секое училиште да има само еден влез, силни огради, метални детектори и постојано присуство на полициски службеник или вооружен чувар. На таков начин училиштата би имале можност за сопствена одбрана. „Никој веќе не би смеел да има пристап во училиште пред да помине комплетна проверка“, предлага Трамп, додавајќи – финансирањето на ваков потфат не е прашање на пари, туку на желба. „Ако САД можат да ѝ испратат 40 милијарди долари на Украина, тогаш можеме да го спроведем и ова овде“, за што пожнеа силен аплауз од присутните на собирот. Освен тоа, поранешниот американски претседател пред околу 3600 членови на НРА пледираше за поедноставување на сместувањето на насини и психички пореметени лица во психијатриски установи.

Пред зградата каде се одржа саемот за оружје цел ден протестираа повеќе стотици луѓе, носејќи крстови со фотографии на жртвите од најновото масовно крвопролевање во Увалде во Тексас. Масакрот повторно го сврте вниманието на јавноста врз НРА, најголемиот лобист за оружје во земјата, но истовремено и еден од најважните финансиски донатори за мнозинството републикански членови во американскиот Конгрес. На самиот собир, тенорот кон темата закони за оружје не се промени, без оглед на најкрвавиот масакр во училиште во последната деценија.

Директорот на НРА, Вејн Лапјер нападот го искористи попрво како повод за истакнување на неопходоста од приоризирање и зачувување на „основното право за сопствена и одбрана на заедницата“.

Годинешниот годишен собир на НРА, здружение кое брои пет милиони членови, е прв по паузирањето од неколку години, условено од пандемијата на коронавирус во земјата. Одделни политичари и музичари го откажаа учеството по нападот во Увалде, меѓу нив и гувернерот на Тексас, Грег Абот, кој испрати само видео порака. Абот се најде под силен притисок поради првичните пофални зборови за ангажманот на полицијата во училиштето. Откако самата полиција под притисок на јавноста призна крупни и кобни грешки, Абот мораше да ретерира: „Информаиците кои ми беа дадени беа нецелосни и сум страшно лут поради тоа
На виделина имено испливаа факти – така на пример: 19 полицајци биле присутни во ходникот во училиштето уште во првите моменти од нападот, тие чекале дури 45 минути пред училницата во која се забарикадирал напаѓачот без да преземат обид да влезат во просторијата и да го запрат убивањето. Гувернерот, слично како и Трамп, вината за убиствата кои ги изврши 18-годишниот Салвадор Рамос не ја гледа во лесното стигнување до оружје, туку во психички проблеми.

Back to top button
Close