Шпанците се борат против прекумерниот туризам, ама сè повеќе нудат краткорочни изнајмувања

Понудата на краткорочни изнајмувања за туристи скокна за 25 проценти во Шпанија во последните две години и покрај обидите на локалните власти да ги ограничат поради кризата со домувањето. Ова се наведува во студијата на туристичката лоби група Екселтур, цитирана од Ројтерс, пренесува БТА.

Бумот во туристичкото сместување расте со натпросечна стапка во неколку од 50-те најголеми туристички општини и дестинации кои пречекаа половина од сите странски посетители во 2024 година, според студијата. Спротивно на тоа, бројот на достапни хотелски соби пораснал за само 2 проценти помеѓу 2022 и 2024 година, според официјалните податоци за регистрирани туристички сместувачки капацитети и огласи на платформите.

Шпанија бара начини да го ограничи бројот на домови изнајмени на туристи по бумот на посетители по пандемијата, поради протестите на жителите кои го обвинуваат прекумерниот туризам за скок на цените за изнајмување и купувањето домови. Мерките имаат за цел да ги охрабрат сопствениците на недвижности да ги изнајмуваат своите домови долгорочно, во услови на недостиг од 450.000 домови низ целата земја, според Банко де Еспања. Во Барселона, градоначалникот ги забрани сите дозволи за краткорочно изнајмување до 2028 година, додека Малага, Мадрид и Канарските Острови ги ограничуваат новите дозволи. Владата минатата недела му наложи на Aрбиенби да отстрани повеќе од 65.000 огласи од својата платформа за кои вели дека ги прекршиле постојните правила. Платформата за сместување соопшти дека ќе поднесе жалба.

Извор: Слободен Печат

Back to top button
Close