Шпанија бара суспензија на договорот што ги регулира односите меѓу ЕУ и Израел
Шефот на шпанската дипломатија Хозе Мануел Албарес денеска изјави дека ќе побара од Советот на ЕУ да го одобри суспендирање на договорот што ги регулира односите меѓу ЕУ и Израел „во знак на протест против кршењето на човековите права во Газа“.
Тој, исто така, рече дека ќе побара од Советот на ЕУ да одобри ембарго за продажба на оружје на Израел и да усвои санкции против поединци кои го поткопуваат решението за две држави, објавија британските медиуми.
Израел вчера го отфрли извештајот на Европската унија во кој се вели дека еврејската држава можеби ги прекршила човековите права и обврски во окупираните палестински енклави во Појасот Газа и Западниот Брег.
Од почетокот на израелската воена кампања против палестинската милитантна група Хамас, земјите-членки на ЕУ честопати го критикуваат огромниот број цивилни жртви во Појасот Газа, наведуваат британските медиуми.