Шпанија им додели државјанство на потомци од меѓународните бригади во Граѓанската војна. Може ли потомците од Македонија да се најдат на тој список
Во вторникот 4 ноември шпанската влада им додели државјанство на 170 потомци на доброволците во Меѓународните бригади кои се бореа во Шпанската граѓанска војна. Државјанството е признание и за нивната борба против фашизмот за време на диктатурата на Франциско Франко што следеше по Граѓанската војна.

Премиерот Педро Санчез на вчерашниот настан рече дека ќе му биде „чест“ децата на оние што се бореле за Републиката за време на Граѓанската војна да ги нарече „сонародници“.
Иницијативата доаѓа три недели пред 50-годишнината од смртта на диктаторот Франциско Франко, чиј државен удар во јули 1936 година го предизвика тригодишниот конфликт.
Зборувајќи на настан со жртвите на диктатурата и репресијата, Санчез ги истакна неколку други мерки планирани за таа пригода. Меѓу нив е и предлогот за трајно „отстранување на симболите и елементите спротивни на демократското сеќавање“. Тој, исто така, објави дека владата има за цел законски да ја распушти Фондацијата „Франциско Франко“.
„Слободата никогаш не била подарок, таа била освојување од целото шпанско општество“, рече премиерот, предупредувајќи на „постојан и суптилен“ обид за делегитимирање на демократијата. Санчез заклучи велејќи дека сегашната демократија во Шпанија постои благодарение на напорите на „анонимни лица што не се наоѓаат во книгите по историја“.
Се проценува дека 32.000 доброволци од целиот свет се приклучиле на антифашистичките бригади за време на Граѓанската војна. Имало и лица родени во Македонија, и тоа од сите етнички групи. Перо Коробар, познат општественик и автор од социјалистичкото време, во коавторство со Божо Стефановски во книгата „Во интернационалните бригади во Шпанија“ (1989) наведува дека од Македонија заминале да се борат 44 доброволци. Бидејќи тогаш Македонија беше во Кралството Југославија, најголем дел од нив заминале во Шпанија да се борат на страната на републиканската армија преку комунистичката логистика.
Многумина од нив загинаа, некои од нив се познати во јавноста, некои сосем анонимни. Според книгата, најмалку 15 од нив загинале во борбите на разни места во Шпанија.
Меѓу доброволците од Македонија имало Македонци, Албанци, Евреи. Можеби најпознатиот од нив е Цветко Узуновски – Абас, кој беше член на првиот централен комитет на Комунистичката партија на Македонија во 1943, а потоа и член на Президиумот на АСНОМ. Тој беше последниот преживеан шпански борец кога почина во 1994.
Меѓу оние што јавноста можеби ги знае е Елисие Поповски – Марко, кој беше првиот шеф на УДБА во Македонија по Втората светска војна. А и Алексо Демниевски, кој во Шпанија ја загуби десната нога.
Меѓу оние кои ги наведуваат Коробар и Стефановски има речиси непознати личности: Аки Аголи, Михаил Бочкаровски, Живко Велевски, Рамиз Варварица, Рафаел Хасан, Јустина Шкупи, Михајло Трајков, Георги Спировски…
Сигурно дека во семејствата на сите шпански борци свети споменот на нивната борба за одбрана на демократијата и републиката во Шпанија. Потомците на овие шпански борци може да се обратат до шпанските власти или шпанската амбасада за да дознаат како можат да станат шпански државјани. Или како што вели премиерот Санчез, да бидат нивни „сонародници“, затоа што придонесоа во демократската епопеја за која се зборува и деведесет години подоцна. (nezavisen.mk)






