Шпанија повторно во пламен: Изгореа 3.700 хектари, огнот создава огнени облаци
Шумски пожар што со денови беснее во областа Лас Хурдес, во шпанската провинција Касерес, и натаму е активен, а досега изгореле најмалку 3.700 хектари. Поради брзото ширење на огнената стихија, повеќе од 700 жители од 12 населени места биле евакуирани.

Ситуацијата за пожарникарите во текот на ноќта била нешто поповолна, откако зголемената влажност, пониските температури и ослабениот ветер помогнале во интервенцијата, пренесува РТВЕ.
Во текот на денот, гаснењето било особено тешко поради создавањето на два огнени облака. Тие придонеле за ширење на пожарот, предизвикале секундарни жаришта и довеле до нови избивања на пламен.
Околу 170 лица биле ангажирани во текот на ноќта во борбата со огнената стихија, меѓу кои регионални пожарникари, припадници на Воената единица за вонредни ситуации и екипи на Министерството за еколошка транзиција.
На дел од евакуираните жители веќе им е дозволено да се вратат во своите домови, додека за жителите на повеќе други населени места евакуацијата сè уште е во сила. Пожарот зафатил и најмалку три куќи во Авељанар, а 34 корисници на добротворен центар биле евакуирани.
Огнот во текот на денот се проширил и кон провинцијата Саламанка. Таму две помали жаришта се ставени под контрола, а во Кастилја и Леон повеќе нема активен пламен.
Шпанските власти се сомневаат дека пожарот во Лас Хурдес можеби бил намерно предизвикан, поради што се испитуваат околностите под кои избила огнената стихија.






