Шпанската иницијатива за официјализација на малцинските јазици на ниво на ЕУ ја разбранува Европа
Владата на шпанскиот премиер Педро Санчез за време на претседавањето на Шпанија со Советот на ЕУ во втората половина на 2023 година иницираше предлог за прогласување на каталонскиот, баскискиот и галицискиот јазик за службени јазици во рамки на Европската Унија.
Станува збор за три јазици кои во Шпанија имаат статус на „коофицијални јазици“ заедно со официјалниот шпански јазик.
Иницијативата за прогласување на каталонскиот, баскискиот и галицискиот јазик за службени јазици на ЕУ, беше дел од договорот за поддршка на каталонските сепаратистички партии на малцинската социјалистичка Влада на Санчез.
Сепак, и покрај настојувањата на Шпанија за прифаќање на оваа иницијатива, чиј последен обид беше на заседанието на Советот за општи работи на ЕУ во вторникот, таа засега не наиде на консензуална поддршка од останатите членки на Унијата, од кои некои изразуваат загриженост во врска со административните и правните импликации од ваквиот предлог.
Едни од главните аргументи против предлогот на Шпанија е дека за негово прифаќање можеби би била потребна промена на Договорот за Европската Унија, како и дека тој би можел да постави преседан што би иницирало слични барања и од други земји каде има признати малцински или регионални јазици.
Според статистичките податоци, во ЕУ живеат помеѓу 40 и 50 милиони луѓе кои зборуваат околу 60 регионални или малцински јазици. Сепак, само неколку земји членки ги признаваат овие јазици како „коофицијални“ и дозволуваат нивно користење во администрацијата и јавните институции на еднаква основа со службените јазици.
Кога станува збор за Шпанија, покрај официјалниот шпански јазик, статус на коофицијални јазици имаат и каталонскиот, баскискиот, галицискиот, валенсијанскиот и окситанскиот. Тие уживаат правна заштита и во соодветни автономни региони се користат во образованието, регионалните влади и медиумите. Дополнително како регионални јазици е признати и арагонскиот, астуријанскиот и леонскиот, но тие немаат статус на коофицијални јазици.
Каталонскиот јазик го говорат приближно 7,5 милиони луѓе во Шпанија, најголемиот број во регионот Каталонија и тој е еден од малцинските јазици со најмногу родени говорители во Европа. Покрај во Шпанија, во помал обем тој се говори и во делови од Франција и Италија.
Баскискиот јазик го говорат околу еден милион луѓе во регионите на Баскија и Навара, додека галициски зборуваат околу два милиони жители на Шпанија.
Валенсијанскиот јазик, која се смета за дијалект на каталонскиот јазик, го говорат околу 2,5 милиони жители на регионот Валенсија, додека окситанскиот јазик има околу 500.000 говорници, главно во Каталонија.
Регионален коофицијален признат јазик има и во Португалија. Станува збор за мирандскиот јазик кој заедно со португалскиот е во службена употреба во регионот Миранда до Дуро. Според студија на Универзитетот во Виго, мирандскиот јазик го познаваат околу 3.500 луѓе, но активно го користат само околу 1.500 лица.
Признат малцински јазик има и во Холандија, каде покрај холандскиот, втор службен јазик во регионот Фризија е и фризискиот, кој го говорат меѓу 4.000 и 10.000 лица. Статус на признат регионален јазик во Холандија има и лимбуршкиот јазик.
Покрај во Холандија, фризиски говорат и жители на крајниот северозапад на Германија, но тој таму не е признат како јазик во административна употреба, туку само како малцински. Статус на малцински јазици во Германија имаат и данскиот, долногерманскиот, лужичко српскиот и ромскиот јазик.
Во Белгија, покрај трите службени јазици – холандскиот, францускиот и германскиот, како регионални јазици се признати и валонскиот, фламанскиот, лимбуршкиот, луксембуршкиот, пикардскиот, шампањскиот и лоренскиот јазик.
Во Италија, пак, покрај италијанскиот, како коофицијални малцински или регионални јазици во некои региони или општини се признати и францускиот, германскиот, словенечкиот, каталонскиот, албанскиот, грчкиот, хрватскиот, окситанскиот, провансалскиот, фрулискиот, сардинискиот и ладино јазикот.
Ладино јазикот, кој спаѓа во групата на романски јазици, го говорат нешто над 41.000 припадници на народот Ладини, кои живеат во реонот на планината Доломити во регионите Јужен Тирол, Трентино и Белуно.
Франција како регионални јазици ги признава бретонскот, корзиканскиот, окситанскиот, каталонскиот, провансалскиот, лигурискиот, баскискиот, како и неколку дијалекти на германскиот јазик.
Во Полска како малцински јазик е признат кашупскиот, кој според пописот од 2021 година, го говорат нешто над 87.000 лица во северниот дел на земјата.
Во северните делови на Финска, живеат приближно 2.000 луѓе кои го зборуваат сами јазикот. Сами јазикот, заедно со карелискиот и кало јазикот, кој го говорат припадниците на финската ромска заедница, имаат статус на признати малцински јазици. Инаку, покрај финскиот, службен јазик во Финска е и шведскиот.
Сами јазикот го говорат и помеѓу 7.000 и 9.000 лица во Шведска, и тој заедно со финскиот, торнедалискиот, ромскиот и јазикот јидиш се признати како малцински јазици во земјата.