Шпионска афера ја тресе Словенија пред избори: Обвинувања за странско мешање и „валкана“ кампања

Словенија влегува во парламентарни избори во атмосфера на една од најконтроверзните и најнапнатите кампањи во поновата историја, обележана со обвинувања за странско мешање, шпионски операции, тајни снимки и меѓусебни политички напади.

Во центарот на вниманието се наоѓа аферата со израелската приватна разузнавачка компанија „Блек Кјуб“, за која словенечките власти тврдат дека била вклучена во изборниот процес преку прикриен надзор и прислушување.

Според информациите, оперативци на компанијата во последните шест месеци најмалку четири пати престојувале во Словенија, а нивното присуство било детектирано и во близина на седиштето на десничарската СДС. Словенечката безбедносна агенција СОВА доставила извештај до Националниот совет за безбедност, во кој се наведува дека активностите на „Блек Кјуб“ претставуваат ризик за демократскиот процес.

Паралелно со ова, во јавноста се појавија и анонимно објавени тајни снимки на кои, наводно, се слушаат разговори за корупција, нелегално лобирање и злоупотреба на државни ресурси. Објавите дополнително ја вжештија политичката сцена.

Премиерот Роберт Голоб предупредува дека се работи за опасен обид за влијание врз изборите и дека пораз би значел оттурнување на Словенија од европските вредности. Од друга страна, лидерот на СДС, Јанез Јанша, ги користи снимките како аргумент за наводна корупција во власта, иако првично негираше каква било поврзаност со „Блек Кјуб“, за подоцна да признае средба со еден од нивните советници.

Аферата доби и меѓународна димензија. Францускиот претседател Емануел Макрон предупреди на „јасно и документирано мешање на трети земји“ и повика на заштита на европските демократии.

Истовремено, кампањата беше дополнително радикализирана со инциденти на терен – од вандализирање на изборни плакати до организирани активности на социјалните мрежи, за кои се сомнева дека се дел од поширока хибридна кампања.

Анкетите покажуваат речиси изедначена трка меѓу Голоб и Јанша, со минимални разлики во поддршката, што значи дека исходот ќе зависи од помалите партии и постизборните коалиции.

Аналитичарите предупредуваат дека вистинската штета од оваа кампања може да биде долгорочна – ерозија на довербата во институциите и во самиот изборен процес.

Словенечките граѓани излегуваат на гласање со клучно прашање: не само кој ќе владее, туку и во каква држава и Европа сакаат да живеат – и колку надворешни влијанија ќе имаат улога во таа одлука.

Извор: skopje1.mk 

Back to top button
Close