Штетните влијанија на современите уреди и светлината навечер

Светлото во домот честопати му е пријател на човекот – овозможува да работи, чита, да се дружи и да се чувствува удобно. Сепак, современите извори на светлина, пред сѐ ЛЕД-осветлувањето и синиот спектар што го емитуваат екраните, можат сериозно да му наштетат на здравјето. Имено, вештачката светлина од технолошките уреди на денешнината негативно влијае на сонот, хормоналната рамнотежа, како и на метаболизмот.

Светлината не е хемиски токсин, но нејзиното прекумерно присуство во погрешно време од денот, надополнето со силни сини компоненти ја прави тивок и подмолен „отров“ во домот. Вештачката светлина, особено ноќе, го нарушува внатрешниот часовник на телото (тн. циркадијален ритам). Истражување на Харвард покажува дека дури и умерените нивоа на светлина во текот на вечерта значително го намалуваат, но и забавуваат лачењето мелатонин, а тоа го скратува времетраењето на ноќен сон за приближно 90 минути.

 

Сината светлина, во таа смисла, има особено силно влијание. Во споредба со зелената светлина со ист интензитет, таа го потиснува мелатонинот приближно двојно подолго и го поместува циркадијалниот ритам двојно подолго. Научниците истакнуваат дека последиците се тешкотии при заспивање, површен сон и чувство на замор дури и по осум часа спиење.

 

Според друго истражување на американскиот Северозападен Универзитет, спиењето во соба со вклучени светла го забрзува срцевиот ритам и ја намалува чувствителноста на инсулин следниот ден.

 

Така, последиците од вештачката светлина не престануваат кога ќе се разбудите. Нарушениот внатрешен биолошки часовник влијае на хормоните кортизол и инсулин, што го зголемува ризикот од појава на дебелина, срцеви проблеми, стрес, вознемиреност, висок шеќер во крвта и проблеми со адаптација, објави Институтот за плодност и генетика.

 

Совети за намалување на штетата

Изложеноста на обична ЛЕД-светлина пред спиење значително го намалува согорувањето на мастите за време на спиењето, додека алтернативните ОЛЕД-извори на светлина – со послаб син спектар, немале такво влијание, пишува списанието „Нејчр“ (Nature).

ЛЕД-светлината, исто така, доведува до зголемување на телесната температура пред спиење и го нарушува нормалниот пад на температурата на телото во однос на надворешната – што, исто така, го отежнува квалитетниот сон.

Според „Сајенс-дајрект“ (ScienceDirect), тн. хронодисрупција – нарушување на циклусот светлина-темнина е поврзана со зголемена опасност и од разни невродегенеративни болести, срцеви заболувања, депресија, проблеми со очите и видот, па дури и некои видови рак.

Харвард препорачува користење потопли светла навечер (жолта, црвена и портокалова), наместо извори на сина светлина. Исто така, се советува да се намали количината на секаква светлина во спалната соба, како и користење потемни екрани и специјални очила.

Се препорачува и повеќе дневна светлина, со што луѓето го држат својот циркадијален ритам под контрола – особено наутро, но и потоа во текот на денот.

Back to top button
Close