Штипската Клиничка болница доби амбулантно возило од германската амбасада

 Клиничката болница во Штип доби ново амбулнатно возило од германската амбасада.

Директорот на Клиничка болница – Штип, Ален Ѓеорѓијев информира дека возилото е добиено по пат на донација и изрази благодарност до Амбасадата на С.Р. Германија и НВО Local Community Development Foundation, преку кои се обезбеди возилото за потенцијалните над 200.000 пациенти за источниот регион.

– Мисијата е при крај, денеска возилото го зедовме од салонот, по што веднаш замина на адаптација. Очекуваме веќе за еден месец да биде пристигнато во дворот на Клиничка болница – Штип, вели Ѓеорѓијев.

Тој истакна дека со ова ново возило, штипската Клиничка болница ќе има четири вакви комбињата, со кои ќе се транспортираат пациентите. Оваа бројка на возила не ги задоволива потребите, затоа Ѓеорѓијев најави дека за наредната година планираат да се набават уште две вакви возила. Средствата ќе се планираат во новиот буџет за 2021 година, со што комплетно ќе се реши проблемот со возниот парк.

Инаку, деновиве од компанијата КАМ пристигна донација и за 23 вработени на Инфективното одделение, кои се грижат и ги лекуваат пациентите заразени со коронавирусот. Вработените добија ваучери по 1.000 денари. Ѓеорѓијев за МИА вели дека се очекува и втора донација во услови на пандемија  од рудникот „Саса“, најавено е дека ќе добијат 6.000 хирушки мантили.

Во текот на викендов направено е и генерално чистење во и околу Инфективното одделение, а како што вели Ѓеорѓијев, тоа ќе им биде пракса секоја недела. 

Back to top button
Close