Што да очекуваме од францускиот предлог?

Што е можно да очекуваме од најновиот, овојпат француски, и по сѐ изгледа, последен сериозен обид за отклучување на македонското пристапување кон ЕУ, и што од можното е за нас прифатливо. Пишува Петар Арсовски.
Во македонската јавност, најавата за специјален состанок или мини-самит во Париз, под покровителство на претседателот Макрон, а посветен на обидот да се деблокира почетокот на ЕУ преговорите со Македонија, се дочекува со сериозно внимание. Некои со надеж дека процесот ќе се одблокира, некои со надеж дека нема да се одблокира, некои со страв дека ќе добиеме лошо решение, некои со убедување дека ќе добиеме добар пакет. Слично е и во Софија и во Скопје, каде сите кои имаат мислење или интерес за овој процес, побрзаа на јавна маса да ги дадат своите рецепти, очекувања, предупредувања и закани.

Како и обично, вистината за она што е реално и можно, па ако сакате, и она што е правилно, е некаде на средина помеѓу барањата на Бугарија и нашите позиции. Клучни прашања кои се поставуваат сега, кога ќе треба да ги исцртаме границите на прифатливото пред претстојната нова рунда, сѐ што за нас е прифатливо како концесија кон Бугарија, и се разбира, дали тоа се исплати, односно дали компромисот носи повеќе бенефити одошто чини.

Најнапред треба да бидеме свесни за позицијата на Макрон и ЕУ во однос на ова прашање. Макрон има неколку главни мотиви за сегашниот засилен ангажман. Првиот, се разбира, е да покаже лидерство во ЕУ и да го пополни празното место кое го остави Меркел. Во таа смисла, решавање на вакво горливо прашање, што де факто би бил прв поголем успех на ЕУ во последниот период, би се толкувало како сериозен потег кој ќе го лансира Макрон како предводник на надворешната политика во Унијата.

Вториот мотив е да се покаже некаква нова енергија и перспектива околу проширувањето, кое засега изгледа мртво, особено ако се стави во контекст на дилемите за иднината на унијата, кои ги проблематизираат процесите и вкупниот начин и патоказ за нови членки. Овие главни мотиви се индикација за тоа каков однос можеме да очекуваме во Париз: тие се заинтересирани за решение, не неопходно за добро решение – идејата да се покаже било каков напредок сега и веднаш, не значи нужно дека таквото решение ќе биде во наша полза, или воопшто одржливо само по себе – историјата на ЕУ е полна со такви политички компромиси кои на крајот создаваат повеќе проблеми одошто решаваат, како на пример самиот прием на Бугарија, Унгарија и други неподготвени членки, за што Унијата сега ја плаќа цената.

Тука доаѓаме до клучното прашање за нас: што е можно да очекуваме од овој најнов (и по се изгледа, последен сериозен) обид за отклучување на пристапувањето, и што од можното е за нас прифатливо. Две теми се клучни, за кои се пишува во медиумите и за кои се известува и од Бугарија и од Македонија – внесувањето на Бугарите во Уставот, и вклучување на бугарските услови во преговарачката рамка за Македонија со ЕУ. Овие барања се најнапред дизајнирани така за му го олеснат патот на Петков дома, овозможувајќи му да ги „продаде“ како успех на неговата надворешна политика. По дефиниција, наративот за тоа ќе биде дека тие (Бугарија) победиле, што нас не става во незавидна позиција, бидејќи ние сега треба да се мислиме што смееме да прифатиме. Пред да влеземе во конкретните позиции, најнапред треба да бидеме свесни дека, за нас, клучно е да знаеме точно кои се условите за кои се договараме, и дека нема, по примерот на процесот во Берлин, и потоа и португалскиот предлог, да ни се појави серија нови, бесконечни условувања за кои не сме знаеле, како што ни се појави со Договорот за добрососедство. Тоа за нас е клучна поента, зашто никаков договор во Париз, ако не е конечен, нам не ни одговара.

Понатаму, за внесувањето на Бугарите во Уставот, што изгледа како полесно прашање, исто така, ѓаволот е во деталите. Се појавија шпекулации дека таквото внесување не би било на ниво на останатите народи, туку со некаков специјален статус на државотворност. Јавноста не знае дали таквиот статус на државотворност (имајќи предвид дека кај нас Уставот дозволува сите народи кои се именувани да се сметаат за државотворни, бидејќи носител на сувереноста се граѓаните, а не етникумите), би бил само симболички гест, или пак суштинско одвојување на Бугарското малцинство и негово издигнување на ниво на македонските и албанските етникуми како „први“ државотворни народи. Во сегашната верзија на Уставот таквата дистинкција не може да се направи, поради начинот на кој е формулиран, но прашањето е посуштинско: дали бугарскиот етникум таксативно се додава како еден од народите кои живеат во Македонија, или премолчено се прифаќа тезата дека Бугарите се едни од основоположниците на македонската државност. Ова е значајна дистинкција, и затоа, прашањето не е дали, туку како и на кој начин тоа вметнување треба да се направи.

Второто прашање е дали, согласно барањата на Бугарија, дел од, или сите, договорени обврски, треба да се најдат во преговарачката рамка со ЕУ, што би му овозможило на Петков да каже дека сега за нивната позиција гарант е меѓународната заедница, па можат да го дигнат ветото, но истовремено процесот би го обременило со теми и услови на кои секако таму не им е местото. Повторно, прашањето е кои се условите. Од една страна, нам мултилатерализацијата на овие прашања има логика да ни пречи само ако имаме намера да ги ескивираме, па можеби е подобро некој објективен да оценува дали условите се исполнети. Дополнително, ни сега условите на Бугарија не се во преговарачка рамка, па тоа не ја спречува Бугарија да го искористи ветото, што значи дека тоа би се случувало секако, без оглед каде ќе се најде договорот.

Сепак, прашањето е принципиелно и пошироко: ниту ние, ниту ЕУ, сакаме, процесот на пристапување да биде врзан со било што друго освен меритократија на структурните реформи, зашто таквиот процес би станал пат без дестинација – патоказ чија крајна цел не е подобро општество, туку подобри односи со Бугарија, што е пораз и за нас, и за Бугарија, но и за ЕУ.

На крајот, суштинското прашање пред да знаеме што можеме да прифатиме во Париз, е дали ние суштински имаме друга опција. Членството во ЕУ е средство, а не цел. Тоа е средство кон подобро општество, повеќе правда, подобар живот. Досега, тој пат беше единствено средство кон таа цел – зашто, да можевме да ги направиме реформите и без преговори, ќе ги направевме За да знаеме дали ЕУ ни е единствена опција, треба искрено да се погледнеме во огледало, и да си одговориме на прашањето дали знаеме и без нив да стигнеме таму каде што сме тргнале.

Back to top button
Close