Што досега е познато за двојното убиство во Старата скопска чаршија

Двајца убиени и еден ранет кој е надвор од животна опасност и е пуштен на домашно лекување е исходот од синоќешното пукање во угостителски објект во Старата скопска чаршија.

Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство веднаш излегоа на терен, а досега во јавноста излегоа само со првични информации за настанот.

Од она што може да се дознае од нивните сознанија е дека пукањето се случило околу 20 часот, а двајцата убиени починале на самото место.

Пријавата во полиција стигнала во 20:11 часот, а двете жртви се со иницијали Ј.К. и Е.И., додека ранетиот е А.Т.

Засега нема многу информации за напаѓачите, а според она што го соопшти Обвинителството, станува збор за неколку маскирани лица кои со огнено оружје влегле во барот и пукале кон двајцата убиени.

„Фиксирани се траги на лице место, а јавниот обвинител ги издава сите потребни наредби и насоки со цел да се обезбедат докази кои ќе помогнат за расчистување на настанот и за откривање на идентитетот на сторителите“,рекоа доцна синоќа од Обвинителството.

Според неофицијални информации, сторителите веднаш по убиството избегале со автомобил марка „ауди 6“, кое потоа било пронајдено запалено. Дел од медиумите синоќа јавија дека запаленото возило било пронајдено во Шуто Оризари, додека други наведоа дека тоа било во Визбегово односно на скопската обиколница.

Неофицијалните информации, исто така, го открија и идентитетот на убиените – Јетон Кривањева и Енес Исени. Двајцата наводно се наоѓале на вториот кат од угостителскиот објект каде биле пронајдени од сторителите.

За инциденти со кои се поврзува Кривањева, како што објавија и синоќа дел од медиумите, во јавноста се пишувало и претходно. Тој наводно бил дел од групата кон која се пукаше во вооружен напад во хотелот „Александар Палас“ во 2019 година.

За третиот ранет, пак, доцна синоќа информации соопштија од Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ (старата Градска болница). Според изјавата оттаму, тој со приватно возило бил донесен во болницата околу 20:15 часот и имал две рани. Едната, помала, на левото стапало, додека поголема имал на десната потколеница. Раните му биле обработени, направени биле потребните снимања и преврски, поставена му е имобилизација, по што е пуштен на домашно лекување

Back to top button
Close