Што е договорено за Цар Самоил во историската комисија?


„Замислете, веќе се договориле нашите дека ќе пишува на сите споменици на Цар Самоил дека е бугарски цар“, изјави вечерва во „Топ тема“, Зоран Димитровски, аргументирајќи го ставот зошто неговата партија – Демократски сојуз, ќе ја напушти владата ако биде прифатен францускиот предлог
Усогласениот текст во заедничката историска комисија (види фото подолу), во кој имаше увид „360 степени“ и кој ќе се користи на спомениците на Цар Самоил, не содржи такви формулации
Документот во кој имаше увид „360 степени“ ја оспорува тезата дека на спомениците на Цар Самоил ќе пишува дека е бугарски цар. Вечерва во „Топ тема“ на ТВ Телма, заменик-министерот за локална самоуправа во Владата, Зоран Димитровски, говорејќи во својство на генерален секретар на Демократскиот сојуз на Павле Трајанов, рече дека Северна Македонија, според францускиот предлог, би презела обврска да исполнува одредени бугарски барања, поврзани со нашата подалечна или поблиска историја.

„Замислете, веќе се договориле нашите дека ќе пишува на сите споменици на Цар Самоил дека е бугарски цар. И дека треба да им ги дадеме учебниците за тие да ги имаат на увид и да ни кажат експертиза дали ни се добри учебниците. Тоа не е обострано. Сите тие работи што ги правите, треба да ги правите двострано. Кога се договара нешто во дипломатијата, мора да имате призвук дека станува збор за обврски што ќе ги преземат двете страни. Во Протоколот можете да видите дека 90 отсто од работите ги презема Македонија“,изјави Димитровски.
Усогласениот текст во заедничката историска комисија (види фото подолу), во кој имаше увид „360 степени“ и кој ќе се користи на спомениците на Цар Самоил, не содржи такви формулации.

Цар Самоил е владетел на голема средновековна држава, која што поголемиот дел од современата историска наука ја смета за Бугарско царство со центар во територијата на денешна Република Северна Македонија. Тоа опфаќа значителен дел од земјите и населението на Балканскиот Полуостров. Цар Самоил и неговата драматична судбина се симбол на заедничката историја, која што се споделува од двете современи држави Р Северна Македонија и Р Бугарија. Заедничката комисија им предлага на двете влади, во духот на потпишаниот двостран Договор, одбележувањето на цар Самоил да биде знак на споделени вредности и вистинско добрососедство и пријателство“,

гласи усогласениот текст за заедничко чествување на Цар Самоил.
Според протоколот (за спроведување на Договорот од 2017 г.) што треба да го потпишат владите на Бугарија и на Северна Македонија, а чија содржина денеска ја обелодени БГНЕС, овој усогласен текст ќе стои на Самоиловата крепост во Охрид, а врз негова основа ќе треба да се подготви и лекција за седмо одделение за нашиот образовен систем.

Инаку, протоколот предвидува симетричност во обврските за промени во учебниците според усогласените текстови до кои веќе стигнала или во иднина ќе стигне заедничката историска комисија. Во документот што го објавија БГНЕС пишува: „Двете страни, не подоцна од учебната 2024-2025 година, да ги сменат, таму каде што е неопходно, сите учебници по историја во училишната програма, така што тие ќе ги одразуваат до тој момент постигнатите резулатите од работата на Комисијата, со согласност со чл. 8 ал 2. од Договорот“.

Back to top button
Close