Што ќе му донесе на Брисел победата на Навроцки во Полска
Аналитичарите во Брисел оценуваат дека победата на Навроцки би можела да има длабоки и потенцијално дестабилизирачки последици врз ЕУ, која почнуваше да ја гледа Полска како сигурен и клучен партнер во реализацијата на главните политики на блокот.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен претпладнево му ја честиташе победата на Карол Навроцки на вчерашните полски претседателски избори, изразувајќи уверување дека ќе продолжи многу добрата соработка меѓу ЕУ и Полска. Но, аналитичарите во Брисел оценуваат дека победата на Навроцки би можела да има длабоки и потенцијално дестабилизирачки последици врз ЕУ, која почнуваше да ја гледа Полска како сигурен и клучен партнер во реализацијата на главните политики на блокот.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, се смета и дека победата на Навроцки ќе и даде „голем поттик“ на десничарската и национал-конзервативна партија Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), чиј неформален лидер е италијанската премиерка Џорџа Мелони, а претседател е Матеуш Моравјецки од полската партија Право и правда (ПиС), која застана зад кандидатурата на новиот претседател на Полска.
Дополнително, ваквите изборни резултати, според аналитичарите, би можеле да и дадат и дополнителен поттик на екстремно десничарската група Патриоти за Европа (ПФЕ), предводена од лидерката на францускиот Национален собир (РН), Марин Ле Пен и унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој беше „главен сојузник“ на ПиС додека партијата беше на власт во Полска во „демонтирање на владеењето на правото“.
Според аналитичарите, победата на до пред само неколку месеци политички непознатиот директор на Институтот за национално сеќавање (ИПН), Навроцки над Рафал Тшасковски, претседателскиот кандидат на либерално-конзервативната партија Граѓанска платформа (КО) на полскиот премиер Доналд Туск, би можела да претставува удар врз надежите на ЕУ за поблиски и помалку комплицирани врски со Варшава.
Иако, Брисел веројатно ќе ја продолжи добрата соработка со Владата на Туск, Навроцки би можел да игра улога на „расипувач“ на европско ниво, имајќи го предвид неговиот скептицизам кон зајакната интеграција на ЕУ и резервите кон некои заеднички европски инструменти и Зелениот договор.
Дополнително, Навроцки се противи и на членството на Украина во ЕУ, но и во НАТО, поттикнувајќи го антиукраинско расположение во Полска во текот на предизборната кампања, што би можело да се одрази и врз обидите на Унијата за одржување на единствениот фронт за поддршка на Киев во конфликтот со Русија.
Во тој поглед, првиот тест за Навроцки ќе биде Самитот на НАТО, што во втората половина на месецов ќе се одржи во Хаг, каде би можел да го демонстрира своето меѓународно влијание доколку успее да обезбеди билатерална средба со американскиот претседател Доналд Трамп.
Во предвечерието на изборите Навроцки сподели селфи со Трамп, а луѓе од опкружувањето на новата американска Администрација отворено го поддржаа во пресрет на вториот изборен круг.
Според Бартош Ридлински, професор на Универзитетот „Кардинал Стефан Вишински“ во Варшава, јасно е дека „комуникациските канали“ на Навроцки и ПиС со Белата куќа и Капитол се отворени.
– На републиканците, кои моментно имаат мнозинство, сигурно би им било полесно да разговараат со него, смета Ридлински.
Кога станува збор за Полска, според аналитичарите, победата на Навроцки, значи „сеизмички потрес за полскиот политички пејзаж и претстојна главоболка за премиерот Доналд Туск“.
Ова особено што повеќе аналитичари вчерашниот втор круг од претседателските избори во Полска го оценуваа како неформален референдум за работата на центристичката Влада на Туск и нејзиниот проевропски курс, па сега неговите противници веројатно ќе ги толкуваат изборните резултати како отфрлање на владината политика од страна на Полјаците.
Така, членот на раководството на ПиС, Пжемислав Чарнек најави дека неговата партија ќе започне многу енергична работа со цел „на полскиот народ да му даде уште еден подарок – крај на Владата на Туск“.
Редовниот термин за парламентарни избор во Полска е ноември 2027 година, но Навроцки од позиција на шеф на државата има право на вето на Буџет и на законите, што дополнително би го искомпликувало раководењето на Туск со неговата шаренолика коалициски Влада и би можело да резултира за предвремено гласање за членови на полскиот Парламент.
Професорот Ридлински посочува дека и година и половина по последните парламентарни избори, на кои блокот предводен од Туск ја урна Владата на ПиС по осум години на власт, многу од најавените и ветени реформи не се спроведени, токму поради тоа што владината коалиција не можеше да обезбеди мнозинство во Парламентот.
Она што го забележаа политичките набљудувачи е дека Туск синоќа не се појави пред насобраните симпатизери на неговата партија Граѓанска платформа (КО) во Националниот етнографски музеј во Варшава, каде Тшасковски ги очекуваше изборните резултати.
Сега, победата на Навроцки ја враќа надежта на ПиС за одново преземање на власта по следните парламентарни избори, ова особено што според анкетите на јавното мислење, евентуалната коалиција меѓу Право и правда и екстремно десничарската партијата Конфедерација, би имала мнозинство во идниот Сејм.
Засега двете партии ја исклучуваат можноста за коалицирање, а претседателскиот кандидатот на Конфедерација, Славомир Менцен, кој беше третопласиран во првиот круг од изборите, дури одби јавно да го поддржи Навроцки. Сепак, во прилог на „блискоста“ на двете партии одат и анализите на изборните анкети, кои укажуваат дека над 90 отсто од гласачите на Менцен во првиот круг од изборите, во вториот круг би го поддржале Навроцки.
Во вакви услови останува надежта од честитката на Фон дер Лајен дека сепак ЕУ и Полска ќе работат заедно на „остварување на безбедноста и просперитетот на заедничкиот дом“, како „заедница на мир, демократија и вредности“.