“Што имаш да ми кажеш? Ме фрли на гавраните, но се испостави дека ми се допаѓаат повеќе“
„Ќе зборувам за женското писмо, за она што тоа ќе направи. Жените мора да пишуваат за себеси; жените мора да пишуваат за другите жени и да ги привлечат жените кон пишувањето, од кое беа разделени еднакво насилно како и од сопствените тела – поради истите причини, според истите закони, со истата фатална цел. Жените мора да се постават самите себеси во писмото како што се поставија во светот и во историјата – преку нивното сопствено движењe.
Иднината не сmeе и понатаму да биде детерминирана од минатото. Не одрекувам дека ефектите од минатото се сè уште со нас. Но, одбивам да ги засилам со тоа што ќе ги повторувам.[1]
-Препорачувам агресивно феминистичко читање на класиците – вели славната класичарка од Велика Британија, Мари Бирд во едно импресивно предавање за класичната литература, жените и моќта.
Адриана Кавареро пак, ги краде женските ликови од патријархалното имагинарно за да ги претолкува и преобрази низ едно поинакво женско читање (Душица Лазова), ги бара „пукнатините“ кои остануваат незабележани низ вековите толкувања на античката митологија и литература. Ги „краде“ ликовите како Пенелопа, Деметра, Диотима и слугинката од Тракија, ги бара „свежите траги кои ги останале во сеќавањето“ откако патријархалниот симболички поредок ја засенил тој на Големата мајка.
Во таквите пукнатини, го наоѓа затрупаниот потенцијал за нови толкувања и читања. За женска еманципација и поинаков симболичен поредок кој останал закопан под слоевите толкувања на стотиците хибириси на хероите, обезглавувањата на Сцили, Харибди, Минотаури…и сите слични одеци во вечноста.
Агресивно феминистичко читање, праведна и книжевно рафинирана„кражба“ прави Мадлин Милер во романот „Кирка“.
„Кирка“ на Милер е современa преработка на митот за вештерката која живее сама на остров и ги претвора луѓето во животни, но ја губи својата моќ и беспомошно паѓа на колена пред „итриот“ Одисеј.
Милер ги наоѓа пукнатините во митот, местата на политика и педагогија, но и од потенцијалот во тие точки на „родово заснована неправда“ создава нова приказна.
Нејзиниот лик, кој е најпознат во релација (или во сенка) со Одисеј, тука е разработен индивидуално, од самото раѓање, растење, тинејџерски љубови, неколку грешки и бунт кои ја осудуваат на живот во прогонство.
И со тоа приказната всушност почнува.
Милер, ја анализира состојбата на прогонства и осаменост, која после првичната траума и тага од отфрленоста, создава простор за слобода, учење и растење. Осаменоста станува повод да се создаде силна работна дисциплина и работа, кои од прогонетата и осамена тинејџерка создаваат моќна волшебничка.
„Бунтовната ќерка“, кој е “казнета и прогонета„ потоа „осудена“ да биде „вечно осамена“. Тие категории на патријархален симболички поредок ги трансформира во слобода. Во сосема поинаквом читање низ перспектива на симболите на поинаквиот, женски симболичен поредок. Тука „прогонството и “казната“ стануаваат награда и слобода. Кирка создава простор и време во кои како лик се ослободува од дефинирањето во однос на маж и низ светлото на патријархалниот Голем друг.
Како што пишува Кавареро „Да се влезе во светот, светот на тоа време, значи да се прифати место и улога создадено од светот на мажите. Мажите го резервираа светот за самите себеси. На жените им отстапија ќоше покрај срцето. Но тогаш, тоа ќоше стана непробојно за мотивите на светот. Стана Срце само по себе “
„Во спалната имав бронзено оглeдало високо до таванот. Кога поминував покрај него, одвај се препознавав самата себе. Очите ми делуваа побистри, лицето поостро, а зад мене се движеше мојата пријателка, дива лавица. Можев само да замислувам што би ми рекле моите сестри да ме видат ваква, со валкани стапала и сукња исечена до колениците… И сакав да дојдат. Сакав да им ги видам ококорените очи додека шетам низ пештерите на волците, и пливам во морето, таму каде што се хранат ајкулите. Можев да претворам птица во риба, да се борам со својата лавица, а потоа, со распуштена коса да и легнам на стомакот…со погледот ја следев сјајната двоколка на татко ми на небото.
И?
Што имаш да ми кажеш?
Ме фрли на гавраните, но се испостави дека ми се допаѓаат повеќе“.
Кирка на Милер, од сето тоа време кое го има, создава „женско време – недопирливо за патријархалниот систем“ односно сама ги дeфинира својот простор и време кои ги краде oд настаните (големите историски настани како тројанската војна и патешествијата на Одисеј кои се вредни за историските сеќавања) кои се обидуваат да ја вратат во симболичниот поредок кој не е нејзин.(Кавареро. 30)
Приказната за коленичењето пред исправениот меч е приказната за Кирка која во средно се учи додека се работат Илијада и Одисеја. Тоа е првата и последна перспектива за таа толку слоевита, комлексна, политички и педагошки набиена сцена која ќе ја добијат средношколците, (со исклучок и благодарност до некои професори кои на тоа приоѓаат далеку поумно и одговорно). Не ни треба Фројд да ни ја објасни симболиката на мечот кој ја скротува наводно “деструктивната женска енергија“.
И самата Милер во романот кратко се осврнува на фамозното паѓање пред нозете на Одисеј.
„Подоцна, години подоцна, слушнав песна напишана за нашата средба …. Не ме изненади мојот портрет: гордата вештерка падна пред мечот на херојот, клекнувајќи и молејќи за милост. Понизните жени ми се чини се главна забава за поетите. Како да не може да има приказна ако не ползиме и плачеме“.
Менувањето на приказната за една од славните средби во историјата на книжевноста е битна трансформација на секогаш ревоспоставуваните односи на моќ меѓу родовите. Кирка која претходно ја знаеме е покорена од мечот на Одисеј, се поклонува и веројатно во тој миг се вљубува. Мери Бирд го коментира мигот кога Ахил ја убива кралицата на амазонките и фасцинантно заклучува дека во моментот на нејзината смрт тие се вљубуваат. Љубовта се случува како резултат на потполна доминација. Како некакво задоволство во доминирањето. Некаква дисциплинирачка сексуалност. Која алудира на техника на дресирање.
Тука ситуацијата е потполно различна, Кирка свесно останува бремена кога знае дека Одисеј ќе замине. Едноставно, за самата себе, одлучува да има дете и да го расте сама. Митската приказна за скротување (секако низ епизоди на веќе познатата митологија, а не потполни фриволни промени) е трансформирана во приказна за еманципација.
И самата Милер објаснува за чувството кое го носела со децении по читањето за средбата помеѓу Кирка и Одисеј и кое ја натерало да ја преработи.
„Првиот пат кога ја прочитав епизодата за Кирка во Одисеја, ја замразив.
Имав 13 години и седев со скрстени нозе на кревет. Книгата во мои раце, превод на Одисеја од Фицџералд, беше стара само еден месец, но веќе беше прилично изгужвана од често листање. Грчката митологија веќе долго време ми беше опсесија и сега кога имав своја копија од дело старо скоро 3.000 години, одвај ја испуштав од раце. Значи, да ја фрлам книгата низ собата значеше нешто сериозно.
Херојот на приказната, Одисеј, очајно се обидуваше да се врати дома кај сопругата и синот во Итака, по десет години борба во Троја. Ова се покажа како предизвикувачко, благодарение на низата чудовишта и грешки. Сега, тажен и во очај, застанува на островот наречен Ајаја, каде што живее вештерка по име Кирка.
Сето тоа беше интересно и бев прилично возбудена. Ги сакав волците и лавовите кои се врткаа на прагот на Кирка. Сакав како незграпните мажи на Одисеј кои се преобразуваа во свињи од виното и магијата на Кирка. Бев восхитена кога итриот Хермес му откри на Одисеј дека ако користи специјална билка, нејзината магија нема да има моќ над него. Тогаш Кирка му го послужи виното и го крена стапчето.
Ова ќе биде забавно, си помислив. Вистински дуел, битка на умови, на исклучителни луѓе.
Наместо тоа, Одисеј го извади мечот и моќната волшебничка падна на колена. Завикаше, молеше за милост и се понуди да го однесе во нејзиниот кревет. Читајќи го тоа, почувствував шок и разочарување. Како да бев изневерена од пријател.
Ја кренав пак книгата за да видам дали делот е малку подобрен за додека беше падната на подот. Но, сè уште беше таму, сексуалното ропство, понижувачката загуба на моќта на Кирка. Бесно гледав на страниците. Дури и немаше смисла. Кирка беше божица, зошто се плашеше од еден меч? А фалусната симболика беше толку грубо очигледна, дури и моите 13-годишни очи можеа да да ја видат.„
Револтот на Милер, фрлањето на книгата е резултат на изневерено очекување. Изневерување вон секаква наративна и херменевтичка логика. Толку моќен лик е неверојатно така да падне. Тука педагошката порака е иритантна во арогантноста кон елементарната логика.
За разлика од Овидиј за кој вели дека го лоцирал еротскиот потенцијал кај ликот на Кирка Милер создала лик со психолошка компексност кој расте и се трансформира, кој сторил грешки и е принуден да живее со таа вина.
Самата Милер вели дека создала лик кој дава одговор на прашањето за кое Хомер ѝ понудил здодевен одговор. И таа низ една трауматична епизода нуди одговор на ова едноставно прашање кое нужно се појавува „Зошто Кирка ги претвора мажите во свињи?“
Одговорот на ова прашање и неговата моќ и корисност во анализа на лектирите Илијада и Одисеја останува на Бирото за развој на образованието кое после децении хипнотизирана левитација низ истите наслови… минативе неколку години надежно промрда.
Илијада и Одисеја инаку се одличен избор на текстови за обработка. Но, нивната парцијална, ограничена, често сведена на хронолошко редење настани преработка останува само гребење на површината.
Во таков контекст, преиспитувањето на елементи од митологијата притоа нагласуваќји ја политичката и идеолошка педагогија која митовите и сказните ја пренесуваат на современите реципиенти е исклучително битен елемент од образованието, во насока на негување на критичко мислење кај учениците.
Техниките на читање на текст и препознавање на идеолошката и политичка позадина која оперира „меѓу редови“, пораките кои суптилно ги пренесува, притоа не бидувајќи заслепен од шармот и манипулативноста на приказната е вештина која се учи.
Поставувањето на Кирка (текст кој е посоодветен за млада популација) наспроти Одисеја, со паралелно анализирање на наративите за патешествието на херојот наспроти тој за женското оснажнување („чиј раб е брегот“ Кавареро ), кои фрлаат сенка и го претставуваат конкретниот херој низ различна перспектива (невротик, уморен и трауматизиран од војната која станува внатрешна параноја која ја носи секаде со себе), би било исклучителна лекција, генерално, за тоа како се пристапува кон еден текст, независно од неговата допадливост и шарм. Потенцијалот кој текстот го носи, перспективите со кои „така нежно прегрнува“. И идеологијата која е најмоќна кога шармира помеѓу редовите.
Текстот смее да ве впие. Но не да ве хипнотизира и лиши од капацитет да му пристапите отворени и критички.
Тоа е работа на црквата по однос на нејзините текстови. Никако и на образованието.
И конечно, светот на класиката се уште обезбедува дел од клучните елементи, основи на современата дебата, особено по однос на родот. И се уште е длабоко вкоренет во нашите наративи, симболи и уметност (Бирд).
Токму затоа овие текстови, чии што симболи се уште доминираат (главата на Медуза на пример е симбол експлоатиран со векови) се битни за постојано пречитување и анализа.
Конечно, богатството и убавината на митовите е во нивната комплексност, кои никогаш не можете до крај да ги систематизирате и врамите (мислите дека сте прочитале сенешто за Антигона и се појавува Жижек со концептот „I would rather not“) Нивниот херменевтики потенцијал бил и е се уште инспирација за анализа.
И конечно, самата Милер вели дека нема никаква намера да ги замени класичните текстови кои ги сака и во кои, како што вели, и самата ужива. Нејзината цел е да создаде баланс на нивната перспектива.
-ОК, имаме 3.000 години традиција на машки херои, можеби можеме да укажеме и на женските гласови – вели таа.
Таквата анализа на класичната литература, со отвореност кон политичката идеолошка и субјективизирачка улога која ја има врз реципиентите, во суштина ги спасува текстовите од здодевните инцијативи како неколку кои инсистираат на отфрлање на класиката од образованието, само поради нејзината родова некоректност.
Тој став е опасен и штетен како за образованието генерално, така и за борбата за родова еднаквост за која се залага. Таквата радикалност, која цели кон потполно политички коректни текстови (ОХ НЕ), без никаква комплексност би воспитала индивидуи кои подоцна не би можеле да проценат манипулативен текст. Бидејќи никогаш не виделе таков. Тоа е активистички памфлет со статистики и препораки. Никако литература. Замислете да читате нешто такво пред спиење. I would rather not !
Критичкото и објективно читање на овие битни текстовите паралелно со некои одлични современи адаптации ги замолчува овие тажни лица без ронка фантазија.
Лени Фрчкоска
[1] “Le Rire de la Méduse” Hélène Cixous
„Women and power – A manifesto“ – Mary Beards
„Restoring Power to the Women of Ancient Myth“ Madeline Miller
„In Spite of Plato: A Feminist Rewriting of Ancient Philosophy“ Adriana Cavarero