Што ли ќе каже македонскиот премиер во Давос?

Денко Малески

Канадскиот премиер Марк Карни доживеа стоечка овација од публиката на крајот од својот говор на економскиот форум во Давос. Тоа ретко се случува. Во говорот кој е оценет како најдобар досега, Карни заклучи дека глобалниот поредок каков што го знаеме заврши и не се враќа веќе. Не се работи за негова трансформација, туку за раскинување, нагласи тој.

Зборуваше, се разбира, за rule based order, поредокот базиран на правила и раководен од страна на Америка кој веќе не постои. Во таквиот поредок и економските односи се употребуваат како оружје а не како нешто што носи заедничка корист. Како боксер во својата средна категорија, Карни ја нарече својата држава Канада „средна сила“ и ги повика останатите „средни сили“, како Индија, на пример, да се обединат. Ги повика да изградат нова рамка на соработка која ќе се базира врз споделени вредности како што се човекови права, суверенитет и солидарност. Ако тоа не го направат „средните сили“,нема да бидеме „на масата на која што се одлучува туку на менито“, заклучи Карни. За да не паднат во изолација, „средните сили“ мораат да се изборат за стратешка автономија која почива врз принципи и прагматизам.

Накусо, „средните сили“ како Канада не треба да бидат носталгични за стариот систем и треба да влезат во прагматични сојузи и партнерства со цел да изградат стратешка автономија визави големите сили.

Веднаш изложен на критика од страна на американскиот претседател Донал Трамп, говорот на премиерот Карни, убеден сум, е плод на длабоко осмислен напор на неговите speech writers, пишувачи на говори, кои се во комуникација со канадските центри за стратешките истражувања. И, нормално, мислите ми одат кон претставниците на нашата држава. Нашата држава е во друга категорија од Канада. Не сме „средна сила“ туку сме во категоријата small states, мали држави чија задача е најтешка во светскиот поредок на држави: да преживеат, да опстанат. Што ли ќе каже премиерот Мицковски во Давос? Ако го следи примерот на Карни треба да зборува за малите држави во новиот светски поредок. За жал, тој не може да направи таква синтеза оти, во целата мала држава, нема кој да ја направи, ниту неговите пишувачи на говори се обучени за тоа. Центрите за стратешки истражувања и катедрите по меѓународно право и политика на бројните универзитети не произведуваат ништо. Со децнии ситуацијата е таква и сега кога треба ум за како натака – нема ум оти никој не сака да мисли. Така држава не се чува. Тие што би требало да мислат и да истражуваат постојат само заради сопствените кариери и титули. Никогаш порано не сум бил толку загрижен за иднината на нашата држава како денес. Денес, имено, нашите политичари не знаат ниту кој пат да го фатиме. Како некакви магионичари повторуваат дека ние сме и со Америка и со Европа.

Претседателката не се откажува од својот нормативен наратив за сфера која не може да се разбере преку правото, па во суровиот свет на меѓународната политика бара други да се грижат за малите држави, како некогаш. Но, што ако тоа „некогаш“, како што вели Карни, веќе не се враќа? Премиерот како да запрел на нивото на погрешната анализа која ја презентираше на денот на инаогурацијата на преседателот Трамп, најавувајќи го (со задоволство?!) „новото нормално“и нашата држава „во првите редови“. Во првите редови со карнивори? Имено, на тоа „ново“ не може да му се радуваме зашто новото е свет на карнивори, додека ние сме од сортата на хербивори. Она што загрижува е што обраќањата на премиерот и на претседателката на тема надворешна политика се истата онаа импровизација која не следи од независноста. Но, ако тоа беше разбирливо во првите години на државноста, денес после 35 години тоа е на само недозволиво туку и опасно по опстанокот на државата.

 

Back to top button
Close